| четврток, 6 декември 2018 |

Музејот на македонската борба како „Мадам Тисо“ во Лондон

Автори на поставката се историчарите Никола Жежов, Виолета Ачковска и Зоран Тодоровски. Новата програмска содржина на Музејот на македонската борба за посетителите ќе биде отворена од вторник, 3 јуни

Muzej na VMRO nova postavka 07 (Custom)

Од денеска во Музејот на македонската борба има нова поставка во која се опишуваат страдањата на македонскиот народ. Автори на поставката се историчарите Никола Жежов, Виолета Ачковска и Зоран Тодоровски. Новата програмска содржина на Музејот на македонската борба за посетителите ќе биде отворена од вторник, 3 јуни. Режисер на поставката е Дејан Пројковски, Валентин Светозарев е сценограф, а во поставка настапуваат помлади актери.

– Новата поставка на Музејот на македонската борба која  може да се спореди со поставките на музејот „Мадам Тисо“ во Лондон, во Амстердам, Музејот на теророт во Будимпешта, Канадскиот воен музеј и Музејот на татковинската војна во Киев, се протега на површина од 300 метри квадратни,  и преку нејзиниот провокативен но, длабоко осмислен пристап, посетителот може да проникне во најмачните сегменти, најгорливите премрежја низ кои поминувал македонскиот народ на патот кон создавањето на својата национална држава на Балканот. На  уникатен, возбудлив и драматичен начин, поставката претставува приказ на оној дел од  македонската историја кој пред  се, се занимава со актите на репресија, на која низ историјата бил подложуван нашиот народ, во својата многувековна  борба за самобитност. Пред нас е една нова потресна  аудио-визуелна нарација на болката,  на манифестацијата на најбруталните форми, која не успеа да го скрши македонскиот дух, туку  создаде  вистинит мит за пожртвуваната  храброст на еден народ  кој ги победи најтешките  искушенија – изјави на отворањето министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Muzej na VMRO nova postavka 12 (Custom)

Амбиентот на новата музејска поставка е збогатен со  употреба на специфично светло, специјално компонирана музика – звуци, а исто така,  ангажирани се  и  актери, кои облечени во соодветни костими  уверливо ќе прикажат еден тежок, но реален сегмент од нашата историја.

– Ова е поставка која ретко се гледа во музеите во Европа. На исклучително посебен начин таа го доближува посетителот до важните настани, појави и личности поврзани со македонската борба. Посетителот, на моменти ќе ја почувстува таа борба и на своја кожа – изјави Никола Груевски, премиер на Македонија, кој присустуваше на отворањето на новата содржина на Музејот.

Muzej na VMRO nova postavka 11 (Custom)

Музејот поседува оргинална поставка, впечатливи експозиции и  вредни експонати, преку  2.000 предмети од различни периоди и  една од најголемите збирки на автентично оружје во целиот регион. Во Музејот има преку  153 восочни фигури и 106 вредни  уметнички слики-масовни сцени и портрети кои ги презентираат најзначајните настани и личности од нашата богата, повеќеслојна историја. Од отворањето во 2011 година досега, Музејот го посетиле повеќе од 110.000 посетители од кои над 20.000 се странски туристи од околу 70 земји во светот.

Muzej na VMRO nova postavka 08 (Custom)

– Оваа поставка значајно го збогатува Музејот. Во неа е внесена драма. Тоа е тенденција во големите музеи во светот кои бараат начини да ја зголемат посетеноста – вели Бранислав Светозаревиќ, директорот на Музејот на македонската борба.

Muzej na VMRO nova postavka 10 (Custom)

– Ова е несекојдневен и реалистичен приказ на сцени од македонската историја кои на посетителот му нудат можност самиот да ги почувстува и да ги види годините на македонскиот непокор, отпор но страдањата. Има неколку сцени од поновата македонска историја, ајдутството, репресивните мерки на отоманската власт, оплакување на македонските жени, репресивни мерки – објаснува Никола Жежов, еден од авторите на поставката.

фото: Игор Ангеловски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top