| четврток, 6 декември 2018 |

Кој македонски музичар ќе ќари 20.000 евра од „Макфест“?!

makfest-slika

„Макфест 2014“, фестивалот се подготвува за своето 29. издание. На 5 јуни напладне ќе биде кренато фестивалското знаме со што ќе се означи почетокот на 29. фестивал на забавна музика во Штип.

Освен високиот награден фонд од 50.000 евра, обезбеден од Министерството за култура и од покровителот, општината Штип, годинава новина е и тоа што учесниците во домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип ќе пеат во живо, во придружба на Танцовиот оркестар на Македонската радио-телевизија, која ќе врши и директен пренос од сите три фестивалски вечери. Исто така годинава нема дебитантска вечер, но организаторите им дадоа шанса на многу млади автори и пејачи.

Ќе бидат изведени вкупно 30 композиции, по 15 на двете полуфинални вечери, а 18 од нив ќе ги слушнеме во финалето. Ќе се гласа единствено преку СМС, а победникот, за разлика од минатогодишните 70.000 денари, ќе биде награден со 20.000 евра, вториот со 15.000 и третопласираниот со 10.000 евра.

Според уметнички директор на фестивалот Дарко Мијалковски, на „Макфест“ годинава ќе биде применета најнова аудио и визуелна технологија, што ветува квалитетен звук, слика и продукција што ќе донесе многу нови хитови.

Меѓу авторите на песните што ќе бидат изведени на „Макфест 2014“ се Андријана Јаневска, Александар Масевски, Григор Копов, Лазар Цветковски, Владимир Дојчиновски, Роберт Билбилов, Биба Додева, Кристијан Габроски, Драган Вучиќ, Љупчо Трајковски Фис, Блаже Темелков, Франц и Пере од „Нокаут“…

На макфестовската сцена, пак, покрај другите, ќе ги слушнеме минатогодишната победничка Александра Јанева, Лидија Кочовска, Наде Талевска, Маја Вукичевиќ, Александар Тарабунов, Мики Секуловски, Емил Арсов, Викторија Лоба, Александар Белов, Бојан Стојков, Сара Мејс, Јоце Панов, Влатко Илиевски, Искра Трпева… Меѓу учесниците е и фолкерот Миле Кузмановски, кому ова ќе му биде прв официјален излет во забавната музика.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top