| четврток, 6 декември 2018 |

Белопета: Големите музичари се нормални луѓе со сосема човечки барања

Оливер Белопета, менаџер на Скопскиот џез фестивал и на неговата претстојна Офф-верзија, за МИА зборува повеќе за личните (пред суштинските) предизвици околу неговата посветеност кон организацијата на настани поврзани со оваа музика и традиција кај нас, која историски повеќе од еден век потекнува од Њу Орлеанс. Откако кај нас еруптираше од Домот на младите (денешен МКЦ) со гордото претставување на локалните џез ентузијасти, џезот како најмодерниот музички израз на современието преку неговите најголеми глобални ликови и звуци на скопските џез вечери, се преведе во нашето урбано секојдневие преку амалгаманот со најновата дефиниција за светската музика: „Се е џез“ (или „Сиот тој џез“, парафраза на познатиот филмски наслов).

По професија сте електро-инженер, но како се случи да се образувате за една, а поголемиот дел од животот да се занимавате со сосема поинаква професија?

Како електроинженер, по завршувањето на факултетот работев седумнаесет години во Македонската радио телевизија, во Предаватели и врски (сегашна Македонска Радиодифузија). Во тој период музиката, сепак, ми беше само хоби, да кажам така, вклучувајќи ја работата на Скопскиот џез фестивал. Во 1996 година џез-фестивалот беше преголем и јас решив да му се посветам само нему и ја напуштив професијата.

Кој беше првиот музички фестивал што сте го посетиле во животот и кога падна одлуката и вие да направите еден?

Првиот, помнам, беше многу одамна, рок фестивалот во Рединг, Англија. Одлуката да се вклучам во пионерскиот зафат наречен Скопски џез фестивал дојде многу подоцна – пред 33 години.

Кои се вашите омилени музички фестивали во светот на кои сте биле и што е она по што Скопскиот џез фестивал се разликува од нив?

Од рок-фестивалите омилен ми е Роскилде во Данска, од џез-фестивалите… долго ми беше омилен оној во Салфелден, Австрија. Повеќе не. Денес немам некој најомилен џез фестивал, сите се разликуваат меѓу себе, од нив, разбирливо, се разликува и Скопскиот.

Дали ангажманот на новиот уметнички директор на СЏФ, Богдан Бенигар (директор на Љубљанскиот џез фестивал) започна со програмата на овој Оф фест и дали со него ќе биде конципирана програмата на следниот СЏФ?

Бенигар нема врска со Оф фест. Тој годинава ќе биде како гостин-програмски директор на СЏФ. Да, во одредена мерка веќе го чувствувам тој „благодет“. Нема страв од нарушување на успешниот програмски концепт. Со Бенигар се познаваме многу добро, тој многу добро го познава Скопскиот џез фестивал и конечно, тој на програмата работи, сепак, во соработка со мене. Програмата за годинашниот џез фестивал е веќе готова и е прекрасна.

Потешкиот дел од работата е сепак оној другиот, што се однесува на составување на буџетот за фестивалот?

Во право сте дека е потешка работата на буџетот на фестивалот и таа станува се потешка и потешка. Не знам на кого би можел да ја доверам, би бил среќен да можам, но магионичар тешко се наоѓа.

Публиката веќе го очекува Оф-фест, потомокот на СЏФ. Која од ѕвездите што ќе бидат дел од фестивалот е ваш фаворит?

Јас многу добро знам кого ставам на програмата на Оф фест и знам дека секој поединечен концерт е многу вреден и различен. Затоа немам фаворит. Сите се фаворити.

Дали некој од сите оние што во текот на годините гостуваа на некој од овие два најголеми фестивали од овој тип во земјава, имаа некои специјални и специфични барања и кој од нив беше најпроблематичен во тој поглед?

Ова прашање го поставуваат сите новинари или со него концертните организатори сакаат да си прават реклама. Се работи за мистификација. Големите музичари се нормални луѓе и тие имаат сосема нормални, човечки барања.

1922229_600422946704453_397174794_n

Кој од музичарите што бил дел од овие фестивали под покривката на СЏФ ги сметате за најголем успех, со кои од концертите најмногу се гордеете?

Ако ја отворите и добро ја погледате монографијата што ја издадовме по повод 30-годишнината од Скопскиот џез фестивал, ќе ви биде појасен мојот одговор на ова прашање. Списокот на концертите на кои особено се гордеам е многу долг за да би можел да издвојам само неколку од нив.

Кажете ни нешто повеќе за меѓународната соработка на СЏФ и за вашиот личен ангажман на меѓународен план?

Меѓународниот ангажман е многу обемен и обврзувачки. Оф фест е член на организацијата наречена „Европски форум на фестивалите на музиката на светот“. А џез-фестивалот е во „Европската џез мрежа“: Обете исклучително значајни организации. Јас веќе седум години сум дел од Бордот на директори на „Европската џез мрежа“ и нејзин генерален секретар. Морам да ви признаам дека во мојата долгогодишна работа ова е нешто што особено ми годи.

Се чувствувате ли понекогаш по малку уморни од фестивалите или се уште кај вас работи ентузијазмот?

Да, да, понекогаш се чувствувам уморен. Организациските проблеми, особено оние многубројни кои се дел од македонската специфика не можат да не го нагризуваат ентузијазмот. За среќа, него уште го има во доволна количина.

Вие сте и голем колекционер на грамофонски плочи…колкава е вашата колекција и дали се уште наоѓате по некоја плоча која може да ви го привлече вниманието?

Ајде да не се фалам со бројка. Колекцијата е голема и не е завршена приказна. Секогаш се наоѓа и нешто ново и нешто старо што го привлекува вниманието.

Преземено од: МИА

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top