| четврток, 6 декември 2018 |

Во Македонија нема споменик за загинатите македонски војници во туѓите војски

solunski_front24

– Нема споменик на загинатите македонски војници во туѓите војски во Првата светска војна. Тие се во состав на гробовите и гробниците коишто ги има во Македонија денес – изјави професорот Марјан Димитријевски, кој учествуваше на тркалезната маса по повод 100-годишнината од Првата светска војна што се одржа во ЕУ Инфо центарот.

– Мојата земја Македонија не ја посакуваше Првата светска војна. Фронтот кој беше отворен тука не беше наша желба. Фамилиите беа поделени. Мојот брат војуваше против мене во туѓа војска. Земјата беше поделена. Едни беа во српска војска, други беа во бугарска војска. Заедно рамо до рамо со Австријците и Унгарците, со Германците, со Турците. Од другата страна другиот брат заедно со Англичаните, со Французите, со Србите. Мораа да пукаат едни на други – изјави Димитријевски, кој работи на Институтот за национална историја при УКИМ.

Во Македонија дваесет земји имаат свои споменици од различни временски периоди – Балкански војни, Прва светска војна, Втора светска војна.

Унгарскиот амбасадор во Република Македонија Јозеф Бенце истакна дека во последните три години Амбасадата направила големи напори и заложби за ги најде сите споменици што се поврзани со Првата светска војна и со силите на Австро-унгарија во Македонија.

– Најдовме споменици коишто беа заборавени и исто така сакаме да ги реновираме гробиштата во Битола, во Прилеп, Дебриште. Поради таа причина Унгарија со големо задоволство ја поддржува оваа програма на Инфо-центарот во соработка со Амбасадата на Унгарија – изјави Бенце.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top