| четврток, 6 декември 2018 |

Илјадници луѓе во Витлеем по повод Божик

На полноќната божикна миса најавено е и присуството на палестинскиот претседател Махмуд Абаз и премиерот Салам Фајад

Илјадници туристи и Палестинци во текот на вчерашниот ден, Бадник, стасаа во Витлеем на Западниот брег, за денеска да го одбележат Божик на местото на кое, според верувањето, е роден Исус Христос.

Вообичаено на илјадниците туристи им се придружуваат и локалните Палестинци, сеедно дали се муслимани или христијани, и заедно учествуваат во свечената поворка, пренесе АФП. Традиционалната божикна поворка, на чело со латинскиот патријарх Фуад Твал, помина низ градот, а главната прослава беше закажана на плоштадот Мангер, пред црквата на Христовото рождество, која е изградена на местото каде што, според христијанското верување, Богородица го родила Исус. На полноќ, највисокиот римокатолички бискуп на Блискиот исток Твал, одржа традиционална божикна миса, на која, согласно традицијата најавено е присуството на високи официјални лица од Палестинската самоуправа вклучувајќи го и претседателот Махмуд Абаз и премиер Салам Фајад.

Оваа божикна прослава за Палестинците е од големо значење со оглед на тоа што изминатава година им успеа да си го подобрат статусот во ОН, а УНЕСКО црквата на Христовото рождество во Витлеем ја стави на списокот на Светско културно наследство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top