Американската вселенска агенција НАСА соопшти дека на Сонцето се создала огромна сончева дамка која има пречник најмалку шест пати повеќе од пречникот на Земјата.
Сончевите дамки се темни подрачја на површината на Сонцето кои се појавуваат како последица на магнетните полиња. Оваа самка, која се создала меѓу вторник и среда многу брзо помина во нестабилна конфигурација и можно е да доведе до силни соларни ветрови.
– На 19 и 20 февруари научниците го следеа формирањето на огромна сончева дамка, која за помалку од 48 часа доби пречник поголем од шест пречници на земјата – изјави Карен Фокс, портпаролка на НАСА.
Сончевите дамки предизвикаат силна магнетна активност и тие се поладни од остатокот на површината на Сонцето, поради тоа се јасно видливи во фотосферите, пренесува „Дејли Мејл“.
– Дамката многу брзо еволуираше во нешто што се нарекува делта регија во која светлите делови создаваат магнетни полиња кои се во спротивна насока од центарот на темната површина. Оваа конфигурација е многу нестабилна и научниците знаат дека таа може да предизвика ерупции и радијација – додаде Фокс.
Сонцето наскоро треба да влезе во најактивната фаза на својот 11-годишен соларен циклус.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.