Опаѓање на косата, мастење, првут и оштетена коса се проблемите со кои се соочуваат Македонците, се заклучоците по стоте бесплатни прегледи организирани од страна на здружението „Превентус“ и центарот за коса „101 Хеар кер“ (101 Hair Care) изминатиот викенд во трговскиот центар „Сити мол“.
– Мило ни е што стотина граѓани издвоија време и нè посетија да направат преглед на косата. За жал, сè помлади мажи се соочуваат со опаѓање на косата, како и појава на првут, додека жените се тие што од претераните хемиски третмани на косата имаат големи оштетувања . Причинител број еден за oпаѓањето, по генетиката, е стресот и несоодветната исхрана. Апелот од наша страна е граѓаните навремено да побараат стручна помош доколку имаат проблем со здравјето на косата – изјави д-р Елена Арсова, трихолог.
Настанот беше на иницијатива на здружението „Превентус“, кое постојано организира акции за граѓаните.
– Ние како здружение се обидуваме постојано да им излеземе на граѓаните в пресрет, да им овозможиме едукација, како и бесплатни прегледи. На прво место нам ни е превенцијата, затоа што тоа е најважно всушност рано да се превенира, за да не се случат компликации по нивното здравје – додаде Анастасија Јовановска од „Превентус“.
Здружението „Превентус“ и центарот за коса „101 Хеар кер“ во иднина планираат да организираат разни акции со цел едукација на населението за здравјето на нивната коса.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.