| четврток, 6 декември 2018 |

Црквата „Св. Никола“ во Љубанци ќе добие нова камбанарија

Црквата „Св. Никола“ во скопското село Љубанци ќе добие камбанарија, која ја донира Јохан Тарчуловски и неговото семејство. Нејзините темели денеска ги освети митрополитот повардарски г. Агатангел со свештеници од Скопската епархија на МПЦ, во присуство на жителите на селото и на голем број гости.

Меѓу нив беше и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која изјави дека со изградбата на камбанаријата ќе се заокружи целиот комплекс на црквата „Св. Никола“. Најави и реконструкција на конаците од манастирскиот комлекс кој се наоѓа во ова село на Скопска Црна Гора.

Фото: А.Ивановски

– Црквата „Св. Никола“ е од 19 век, а до неа има и црквичка од 16 век, која е целосно конзервирана од Националниот конзерваторски центар. Со изградбата на камбанаријата ќе се заокружи целиот комплекс. Министерството за култура со надлежната институција почна  и со реконструкција на конаците на манастирскиот комплекс „Св. Никола“ во Љубанци. Веќе се завршени проектите и во јуни ќе се објави тендер за избор на фирма за демонтажа на конаците, се со цел по добивањето на конзерваторското одобрение на проектот за реконструкција во 2015 година да започнеме со целосна реконструкција на манастирските конаци со кои ќе се привлечат и наши граѓани и туристи, рече Канческа-Милевска.

Во камбанаријата ќе биде вградено ѕвоно од еден тон што се чува во селото, а денеска беше изложено во дворот на црквата. Ктиторот на камбанаријата Тарчуловски истакна дека таа е голема радост за  жителите од неговото село и за црквата зашто од таму, како што рече,  почнува убавото и среќата во селото.

– Денешниот ден е голема радост за сите нас, за селото Љубанци каде што сум роден, за црквата „Св. Никола“ каде што сум крстен, каде што се венчани моите родители. Од дете сум израснат тука и отсекогаш ми било чест и задоволство да можеме сите заедно нашата црква да ја подигнеме на повисоко ниво и животот во селото да го направиме христијански, уште побогат и повесел, изјави Тарчуловски по чинот на осветување на темелот, на кој присуствуваа и градоначалниците на Град Скопје и на Општина Бутел, Коце Трајановски и Петре Латиновски.

Владиката Агатангел го пренесе благословот на поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан и истакна дека камбанаријата ќе биде дел од секојдневието на жителите на Љубанци зашто ќе ги повикува за радост, за жалост и ќе ги буди за молитва.

– Ѕвоното од еден тон ќе го слушаат и околните села, можеби и долу до Радишани и до Бутел. Со неговото ѕвонење и наутро и напладне, народот ќе го повикаат на молитва, а преку молитвата која е разговор со Бога, ќе се смируваат и ќе го најдат мирот во душите и срцата, рече владиката Агатангел.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top