Триесет и петте милиони жители на Украина со право на глас утре ќе избираат нов претседател на земјата меѓу 21 кандидат, од кои шестмина се сметаат дека имаат најголеми шанси за победа.
Според анкетите, водечкиот кандидат e Петро Порошенко. Со моќната кампања по телевизиите и со билбордите на кои беше испишано „чоколадниот цар“ на Украина тој вети „нов начин на живот“.
Во многу говори во целата земја 48-годишниот милијардер, кој своето богатство го стекнал од компанијата за слатки и кој е поддржан од партијата УДАР на Виталиј Кличко, вети дека ќе ги продлабочи врските со Европската унија и ќе постигне безвизен режим за Украинците во првата година од неговиот мандат.
Тој вели дека неговата цел е во рок од три месеци да ги нормализира односите со Русија, а во неговата програма приоритет е и членството на Украина во НАТО.
Јулија Тимошенко – Педесет и три годишната поранешна премиерка и кандидат на партијата „Баткившчина“ (Татковина) се обрати кон гласачите со повикот „Треба да ги запреме“, имајќи го предвид Русите, но и олигарсите.
Таа беше еден од лидерите на прозападната Портокалова револуција од 2005 до 2005 година и беше испратена во затвор под обвинение за злоупотреба на службената должност. Тоа се случи за време на владеењето на нејзиниот политички соперник, некогашниот претседател Виктор Јанукович, кој во февруари беше соборен од власт. Таа ја избра правдата, како главна тема на нејзината кампања и вети дека се стреми кон полноправно членство на Украина во ЕУ, започнувајќи со склучување кон крајот на годината на Спогодба за асоцијација и воведување безвизен режим.
Тимошенко изјави дека како претседател на Украина ќе стави крај на руската окупација на Крим, ќе ги зголеми трошоците за одбраната до пет отсто од БДП и ќе го стави на референдум прашањето за членство во НАТО.
Сергеј Тигипко – Потенцирајќи дека „взаемното игнорирање е погрешниот пат“, 54-годишниот Тигипко од Партијата на регоните се претстави себе си како човек кој може да постигне баланс во Украина. Клучни моменти од планот за спас на земјата се преговорите со паравоените групи и нивно разоружување.
Поранешниот вицепремиер исто така вети дека ќе ја издигне економијата до европското ниво и ќе се фокусира на западните пазари.
Михаил Добкин – Четириесет и четири годишниот поранешен гувернер на Харковската област вети дека ќе обезбеди единство на земјата и ја потенцира неопходноста од добри односи со Русија на сите нивоа, што значи рускиот да стане втор државен јазик во земјата и приклучување кон Царинската унија со Москва, Белорусија и Казахстан.
Олег Тјагнибок – Четириесет и пет годишниот лидер на радикалната националистичка партија „Свобода“ вети дека ќе ја повлече Украина од организации во кои доминира Москва, како Заедницата на независни држави и ќе ја направи членка на ЕУ и НАТО.
Тјагнибок сака да воведе визен режим со Русија и безвизен со земјите од ЕУ.
Дмитро Јарош – Четириесет и две годишниот ултранационалист изјави дека ќе ја вооружи Украина со нуклеарно оружје и ќе ја спречи „руската агресија“ и сепаратизмот преку мобилизација на вооружените сили, Националната гарда и народните милиции.
Јарош, кој ја предводи радикалната партија „Десен сектор“, но на изборите учествува како незавизен кандидат, нагласи дека сите полнолетни Украинци ќе можат да поседуваат оружје. Тој исто така се залага за тесно партнерство со НАТО и ЕУ и за безвизен режим со Унијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Украинските морнари признале: Добивме задача, влеговме во руски води и тука чекавме наредби
-
Македонија и Украина ќе ја интензивираат политичката и економската соработка
-
Иванов ги прими акредитивните писма на новите амбасадори на Украина и Индија
-
Путин по стапките на Трамп: Русија почна да гради ѕид со Украина