
Матурската забава за многу средношколци е ден од соништата, ден на забава, веселба, дружење и сеќавање на убавите моменти од средното училиште.
Почнува сезоната на матурски забави. Освен што во фокусот на матурските вечери се доброто друштво и славењето на крајот на средното образование, многу е важно и како ќе изгледате и што ќе облечете за тој ден.
И додека некои девојки нема да придаваат големо значење на својот изглед и на модните комбинации, голем е процентот на тие на кои им е многу важно како ќе изгледаат и што ќе облечат за матурската ноќ.
Модните креатори се едногласни во едно нешто – фустанот е најважен! Бојата, кројот и материјалот треба да бидат усогласени и во тренд.
Ако уште не сте сигурни што ќе облечете за матурската вечер, односно ако случајно уште не сте го пронашле совршениот фустан за вас, ние ви нудиме неколку решенија.
Младешки изглед, трендовски и пристојно – тоа нека бидат трите појдовни точки што ќе ве водат во изборот на фустанот за матурската ноќ. Но, имајте предвид дека мора да се чувствувате удобно во тоа што ќе одберете да го носите.

Не е секогаш лесно да се облечеш со стил, а притоа да не се потрошат повеќе пари. Младите девојки постојано се во дилема што да облечат за матурската забава, а често им се допаѓаат или одбираат фустани што не можат да си ги дозволат. Но, и со малку пари може да бидете женствени и гламурозни.
Оваа пролет и лето модерна е црната боја, но и пастелните, исто така. За секого има по нешто, но изборот зависи од сензибилитетот. Најголемите грешки се прават во изборот на материјалот. Полиестерот не доаѓа предвид, како и сите синтетички материјали. Ако немате доволно пари за свила, тогаш изборот може да падне на лен или памук, кои се совршен избор.

Секогаш најдобро решение е да облечете фустан со минималистички крој, кој одговара на фигурата, а кој ќе го украсите со интересни детали – чевли, чанта, накит.
(Пишува: Александра М. Бундалевска
Текст објавен во 89. број на неделникот „Република“, 16.05.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


