| четврток, 6 декември 2018 |

Со нови 13 возила, „Комунална хигиена“ ќе ја одржува хигиената во градот

кх
Нови 13 возила во голема мера ќе ја олеснат работата на ЈП „Комунална хигиена“ и ќе ја подобрат услугата кон граѓаните.

Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски и директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Ракип Дочи, денеска ги промовираа новите специјални возила набавени за потребите на ова јавно претпријатие.

-Ми претставува особено задоволство што ЈП „Комунална хигиена“ застана на здрави нозе, стана финансиски стабилно претпријатие кое квалитетно ги извршува поставените задачи и успеа со свои средства да набави нова опрема за своите потреби. Тоа беше заложба на Градот Скопје уште во 2009 година, кога јас ја преземав функцијата градоначалник на Град Скопје. Градот и во иднина ќе ја следи и поддржува работата на ЈП „Комунална хигиена“, се во насока на подобрување на процесот на подигање на отпадот и од зоните со колективно и од зоните со индивидуално домување, дури и од најоддалечените делови од градот. Во 2009 година ЈП „Комунална хигиена“ го затекнавме со 6 стари возила кои го опслужуваа целиот град, а денес ова јавно претпријатие има повеќе од 70 нови возила – нагласи Трајановски.

кх2

Има пет типа на нови возила што ќе ги користи ЈП „Комунална хигиена“. Две од нив се специјални комунални возила – цистерни за машинско и рачно миење на јавни површини, со капацитет на цистерната од 7м3, кои се набавени се со грант од Светската банка за Градот Скопје, и нивната вредност е околу 9,5 милиони денари.

Три се специјални комунални возила за транспорт на садови за отпад – контејнери од 1,1м3, набавени се со средства на ЈП „Комунална хигиена“. Две се специјални мултинаменски комбинирани возила со придружна опрема – опрема за чистење снег, опрема за расфрлање сол, приклучок ровокопач, како и приклучок грејдер за рамнење, набавени се со средства на ЈП „Комунална хигиена“.

Има и две специјални возила рол-кипери, наменети за подигање и транспорт на прес-контејнери, кои се набавени со средства на ЈП „Комунална хигиена“ и четири возила за празнење контејнери со зафатнина од 1,1 кубен метар наменети за подигање на отпадот од тесните улички, во вредност од околу 24 милиони денари, средства од ЈП „Комунална хигиена“.

кх3

-Вкупната инвестиција во ЈП „Комунална хигиена“ овојпат изнесува околу 55 милиони денари. Сакам да се заблагодарам на моите сограѓани кои редовно си ги плаќаат сметките за подигање отпад што резултира и со зголемување на наплатата на услугите на ЈП „Комунална хигиена“. Ги повикувам граѓаните кои имаат било какви забелешки во врска со работењето на ова јавно претпријатие да ги достават во Градот Скопје или во ЈП „Комунална хигиена“. Заедно ќе ги надминеме сите проблеми – порача денеска градоначалникот Трајановски.

Директорот на ЈП „Комунална хигиена“ изрази благодарност до Градот Скопје за безрезервната поддршка за ова јавно претпријатие.

– Нам ни останува да ја оправдаме укажаната доверба, а на граѓаните да им понудиме поквалитетна услуга – рече директорот Дочи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top