| четврток, 6 декември 2018 |

Турски инвеститор ќе прави сапун во Неготинско

sapuni

Турски инвеститор е заинтересиран во Неготино да отвори фабрика за производство на сапун, a потоа и за производство на машини кои би биле во функција на целиот проект.

Како што се наведува во информацијата на официјалната веб-страница на општина Неготино за таа цел денеска сопственикот на фабриката „КМС“ од Турција, Хусеин Кучук, оствари работна средба со градоначалникот на општина Неготино, Ванчо Апостолов.

– На средбата тој го информираше градоначалникот дека неговата фирма има фабрики за производство на сапуни во вкупно 17 држави во светот, а сега сака ваква фабрика да отвори и во Неготино – стои во информацијата.

Кучук истакнал дека машините во Ајдин се подготвени за транспорт во Македонија и веднаш по наоѓањето на соодветна локација за отворање на фабриката, таа би почнала со производство.

– Градоначалникот го запозна гостинот дека во градот има 2-3 постојни празни капацитети кои инвеститорот би можел да ги искористи за старт на производството, а му ја презентираше и можноста за купување градежни парцели во Индустриската зона Неготино кај Црвени Брегови. Двајцата соговорници се согласија дека Неготино има одлична местоположба, транспортна поврзаност со Балканот и Европа и токму затоа турскиот бизнисмен се одлучил да инвестира во отворање фабрика за производство на сапун во Неготино – се посочува во информацијата од општина Неготино.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top