| четврток, 6 декември 2018 |

Матурантите в петок ќе танцуваат квадрил и салса

Покрај скопските матуранти од 22 училишта, ќе танцуваат и матурантите од Струмица, Гевгелија, Охрид и од Струга

maturanti-th

В петок, во 12 часот, на градскиот плоштад „Македонија“ околу 1.300 матуранти по осми пат ќе го заиграат танцот квадрил во рамки на „Матурската парада 2014“. Матурантите годинава ќе играат и салса. Покрај скопските матуранти од 22 училишта, ќе танцуваат и матурантите од Струмица, Гевгелија, Охрид и од Струга.

Организатори на манифестацијата се Дирекцијата за култура и уметност – Скопје и Танцовиот клуб „Ритам плус“ од Скопје. Покровител е Град Скопје, а поддржувачи се Делегацијата на ЕУ во Македонија и „Т-мобиле“.

– Матурантите се обединуваат преку танцот и музиката и се поврзуваат со голем број нивни врсници од повеќе градови од Македонија и Европа. Успеваат забележително да испратат и прогресивни пораки, како што е пораката за ненасилство  – изјави Даниела Захариева, раководител на Секторот за образование на Град Скопје.

Тодор Миладинов од „Ритам плус“ посочи дека кај матурантите има заинтересираност и оти брзо го научиле средновековниот танц квадрил, кој трае 6 минути и 17 секунди.

Предвидено е „Матурската парада“ да ја отворат скопскиот градоначалник Коце Трајановски. Собирањето и подготовките ќе почне в петок во 9 часот. Од 10:30 до 11 часот матурантите ќе дефилираат од градскиот плоштад „Македонија“, по кејот „13 Ноември“, пред хотелот „Холидеј ин“, покрај улицата „Филип Втори Македонски“ до Собранието на Република Македонија и ќе влезат на плоштадот преку портата „Македонија“. Ќе имаат генерална проба и потоа ќе почне официјалниот дел од програмата.

Освен дружењето и танцувањето на младите, оваа манифестација има и натпреварувачки тек, да се постави Гинисов рекорд во категоријата истовремено синхронизирано одигрување на еден ист танц на различни места или во различни градови. Последните години составен дел на оваа манифестација е и изјавата/заклетва на матурантите за ненасилство.

Годинава девојките ќе носат розови маички, а момчињата црни со натписот „Матурска парада 2014“.

Танцот квадрил потекнува од Франција, каде што се појавува во втората половина на 18 век. Тоа е танц во кој учестуваат две двојки, односно два пара кои своите движења ги изведуваат во простор во форма на квадрат. За „Матурката парада“ овој танц, кој се игра на музика од Штраусовата опера „Лилјакот“, е така адаптиран да биде поприфатлив за учениците и да можат релативно лесно да го совладаат.

На почетокот на јуни ќе се одржи манифестацијата „Средба меѓу првиот и најдобрите“. Се работи за средба меѓу градоначалникот Трајановски и најдобрите матуранти, прогласените првенци во генерација од 21 средно училиште во Скопје. Матурантите ќе бидат наградени со парични и со други награди.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top