Во општина Струмица втор ден трае акцијата за собирање помош за настраданите луѓе од поплавите во Србија и во Босна. Во Домот на АРМ, каде што се наоѓа собирниот пункт, постојано доаѓаат граѓани и донираат помош во облека, постелнина, средства за лична хигиена и прехранбени производи.
Кирил Парталов, секретар на Општина Струмица, која ја организира хуманитарната акција, рече дека со донациите кои почнаа од вчера во раните утрински часови, струмичани уште еднаш на дело ја потврдија својата хуманост.
– Граѓаните на општина Струмица масовно излегоа и ја дадоа својата помош. Има и физички и правни лица. Досега излегоа петстотини граѓани кои во рамките на своите можности донираа за настраданите од поплавите. Најголем дел од помошта се состои во храна, облека, постелнина, средства за лична хигиена, а токму и за ваква помош се апелираше до граѓаните. Собраната помош, уште утре преку општинскиот Црвен крст ќе биде доставена до граѓаните на кои им е неопходна. Оваа собирна акција која беше во организација на Општина Струмица и траеше вчера и денеска ќе продолжи и натаму, но во рамките на општинскиот Црвен крст. Тоа значи дека сите граѓани што не успеаја да донираат помош во овие два дена на овој собирен пункт, можат својата помош да ја достават до Црвениот крст кој се наоѓа на улицата „Жртви на фашизмот“ во Струмица. Уште еднаш сакам да изразам јавна благодарност до сите граѓани и правни лица кои несебично се вклучија во оваа акција – рече Кирил Парталов, секретар на Општина Струмица.
Во собирната акција, денеска се вклучија и учениците од основните и од средните училишта.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.