Под мотото „Да се обединиме во хуманоста“ Македонија ќе организира голем хуманитарен концерт в четврток во 19:00 часот во салата „Борис Трајковски“ за помош на погодените од поплавите во Србија и Босна и Херцеговина.
Како што информира министерката за култура Елизабета Канческа Милевска на денешната прес-конференција во Владата, на концертот ќе настапат македонските естрадни ѕвезди Калиопи, Каролина Гочева, Елена Ристеска, Тамара Тодевска, Тијана Дапчевиќ, Кристина Арнаудова, Дани, Нокаут Некст тајм, ДНК, Ѓоко Танески, Сара Мејс, Димитар Андоновски, Сашо Гигов Гиш, Зоран Џорлев, Виолета Томовска, Миле Кузмановски, Ефто Пупиновски и многу други. Картите по симболична цена од 150 денари веќе се пуштени во сите продажни места ширум Македонија.
Канческа Милевска најави дека во нареднава недела и сите институции од областа на културата во Република Македонија ќе организираат хуманитарни концерти и претстави.
– Средствата од хуманитарниот концерт како и средствата кои се планира да се соберат од претставите кои ќе бидат реализирани од нашите театри, МОБ, Македонска филхаромонија,… за да им се помогне на нашите соседи ќе бидат префрлени на посебна жиро сметка отворена во „Борис Трајковски“. Македонија се има соочено со катастрофи од вакви размери и знае колку е важна поддршката во овие тешки моменти за нашите пријатели во соседството. Затоа уште еднаш Ве повикувам во рамките на можностите да им помогнеме на нашите соседи – рече Канческа Милевска.
Таа се заблагодари на сите граѓани и институциите кои ја покажаа солидарноста и хуманоста и веќе донираа опрема и средства за поплавените во Србија и БиХ.
Прашана дали министрите размислуваат по една своја месечна плата да одвојат како хуманитарна помош за настраданите во Србија и БиХ, министерката за култура Канческа Милевска рече дека може да говори од свое име и додаде дека ќе донира една плата.
– Се надевам дека и моите колеги ќе го сторат истото, но јас можам да зборувам само во лично име – рече Канческа Милевска.
Во нареднава недела хуманитарни претстави и концерти од кои приходот од продадените влезници ќе биде намемнет за поплавените во Србија и БиХ ќе организираат повеќе институции од областа на културата.
Во вторник во 20 часот концерт ќе одржи Македонската филхармонија заедно со студентите од државните факултети за музичка уметност, в четврток МОБ ќе ја одигра операта „Фауст“, а МНТ претставата „Сина птица“, средствата ќе бидат донирани и од претставата „Народен пратеник“ што ќе ја одигра Народно позориште од Белград на 3 јуни во МНТ. Драмски театар в четврток ќе ја одигра претставата „Евридика“, а в петок „Живот во тесни чевли“, Театарот за деца и младинци в недела претставата „Волшебникот од Оз“, Театарот Комедија претставата „Женидба“ ќе ја одигра утре. Народниот театар од Битола утре и задутре ќе ја одигра претставата „Розенкрац и Гилдестен се мртви“, Театарот од Прилеп в петок „Буре
барут“, Народниот театар од Струмица на 29 мај „Подземна комедија“, а Театарот од Штип на 28 мај претставата „Мрачна комедија“. Албанскиот театар денеска ќе ја одигра претставата „Сомнително лице“, Турскиот театар на 29 мај „Војникот фалбаџија“, Кинотека на Македонија од 19 до 23 мај по две проекции денвно како дел од Детскиот фестивал за слика
и филм „Буф“.
Се очекува и други институции да се вклучат во акцијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Хуманитарен концерт на Дино Имери во Македонската опера и балет
-
„Хуманитарен концерт на Дино Имери“, како замена на откажаната претстава „Мадам Батерфлај“
-
Голем хуманитарен концерт за помош на лицата со интелектуална попреченост
-
Хуманитарен концерт во организација на ученици на „НОВА“: Ќе настапат „Ареа“, „ПМГ Колектив“, „Милко“