На пазарите може да најдете убави, вкусни млади тиквички бидејќи сега им е сезоната. Можете да ги готвите, да ги печете со сирење и со зачини, да ги приготвите со кисело млеко, лук, оцет, да ги пржите, а ние ви предлагаме да ги наполните со месо. Tие што не се големи љубители на месо, тиквичките може да ги наполнат со ориз, моркови, домати и со зачини по желба.
Состојки:
8 мали тиквички со еднаква големина
100 грама масло за јадење
100 грама кромид
250 грама мелено месо
80 грама ориз
1 јајце
Магдонос, црн пипер, сол
1 морков
2 домата
1 лажица црвен пипер
2 дл супа
Подготовка: Тиквичките се издлабуваат и со лажичка им се вади внатрешноста. Се полнат со смеса за полнење, се редат во емајлиран сад, се посипуваат со домати исечени на коцки и со ситно изрендани моркови. Потоа тиквичките се налеваат со супа или со вода и се печат 30 минути во рерна. На крај тиквичките се прелеваат со прелив и повторно се ставаат во рерна да се печат уште 15 минути на средна температура.
Приготвување на смесата за полнење: Ситно исечканиот кромид се пржи на масло. Во испржениот кромид се додава меленото месо и заедно се пржат. Потоа се додава истребениот и измиен ориз, се посолува, се додава црн пипер и малку супа и на крај се остава смесата да се динстува. На крај, кога е месото полумеко, се додаваат исечканиот магдонос и јајцето.
Приготвување на преливот: Од 20 грама масло за јадење и една лажица брашно и црвен пипер се прави запршка. Запршката се налева со супа, се остава да се зоврие и се прелева преку тиквичките.
Може да се употребат и поголеми тиквички. Тогаш се определува по една тиквичка на лице или приготвените тиквички, пред да се служат, се сечат на соодветни парчиња.
Полнети тиквички може да се приготвуваат и во сос од јајца изматени со млеко.
Уживајте во вкусната храна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.