
Металургијата се соочува со сериозни проблеми. Производството во речиси сите капацитети е дисконтинуирано, пазарните прилики не се поволни, ниту има нешто на повидок што може да даде позитивни сигнали, оценуваат од секторот.
Како што беше речено денеска на прес-конференција во Стопанската комора, и извозот е едвај на ланското ниво.
Резултатите не се погубни само за гранката, туку ќе се рефлектираат врз целата на економијата.
– Првиот квартал од годинава не е добар, остварувањето е пониско од минатата година. Ако индексот на индустриското производство во јануари-март е 103, во металургијата, кај основните метали е 96,5, а кај вадењето руди за метали 97,4 – истакна денеска Митко Кочовски, претседател на Здружението на металургијата.
Според него, металургиските претпријатија моментно се борат за континуитет во производството што ќе им ги намали трошоците и ќе им овозможи да останат конкурентни.
– Актуелната состојба е последица од економската криза која особено ја погоди Западна Европа каде ние извезуваме. Да се инвестира во вакви времиња е многу тешко, а ефектите од вложувањата пред кризата сега не може да се почувствуваат – посочи Кочовски.
Дејноста е во криза, додаде, полни шест години. Од 2007-ма досега, производството е преполовено.
– Постои фама во нашата политичка јавност дека металургијата е застарена индустриска гранка која припаѓа на некои минати времиња, дека е застарена и изумира, но напротив, таа е една од носечките сегменти на светската економија – подвлече Кочовски.
Одговорајќи на новинарско прашање, нагласи дека некои од капацитетите добија пролонгирани рокови, 6 до 7 месеци, за инсталирање на еколошката опрема.
На прес-конференцијата беше најавен претстојниот меѓународен металургиски конгрес што ќе се одржи од 29 мај до 1 јуни во Охрид. Претседателот на Сојузот на металурзи, Свето Цветковски рече дека се очекува да бидат отворени суштински прашања и да се понудат решенија за надминување на проблемите. Во фокусот ќе биде и соработката на регионално ниво. Присуство потврдиле голем број домашни и странски експерт меѓу кои од Финска и
Турција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


