Вкупно 75,3 отсто од македонските домаќинства користат интернет, а повеќе од 60 проценти се вклучени секој ден. Тоа е одлична основа за почнување бизнис. Потребни се само желба, добри идеи и инвентивност, порачуваат Стопанската комора и ПСМ Инкубаторот кои, како што соопштија денеска, нудат заедничка поддршка за претприемаштвото, стартап-компаниите и самовработувањето.
Според Комората и инкубаторот, најголеми предизвици за стартап-бизнисите во земјава сè уште се обезбедувањето финансиски средства, пристапот до пазар, обезбедувањето контакти со домашни и странски партнери, како и информирањето за развивање нови продукти и услуги.
– Ги повикуваме стартап-компаниите да станат дел од коморскиот систем. Заедно со ПСМ-инкубаторот ќе им овозможиме обуки и поддршка во однос на клучните дилеми, како да основаат бизнис, како да најдат кадри, како да го финансираат работењето и да дојдат до контакти со домашни и странски партнери, а преку нив и до пазарите, домашни или странски – истакна на прес-конференција Софче Јовановска од Стопанската комора.
Посочувајќи дека е неопходна поголема едукација за претприемаштвото, најмногу во делот на лидерските вештини, таа укажа и на потребата компаниите да направат дигитална трансформација во нудењето на своите услуги зашто тоа, рече, е еден од условите за успешно работење денес.
– Нашата цел е да има што повеќе стартап-компании и поголем развој на постојните – нагласи Јовановска. Воедно оцени дека на тие што се успешни, политичката ситуација и амбиентот не им претставуваат пречка.
За почеток на стартап-бизнис се потребни околу 1.000 евра доколку не е предвидено вработување повеќе лица, истакна директорката на ПСМ-инкубаторот Габриела Костовска – Богоевска. Најмногу вакви бизниси кај нас има во дејностите услуги и сервиси, претежно во ИКТ, козметиката, продажбата…
– Стартап-компании најчесто формираат лица на возраст од 23 до 38 години, а преку 80 отсто од тие што побарале и добиле наша помош, го продолжиле бизнисот успешно – спомена Костовска Богоевска.
Статистиките од лани покажуваат дека од 70.139 деловни субјекти, 80 отсто се со по максимум девет вработени, а 10 проценти се стартап-бизниси.
Стопанската комора и ПСМ Инкубаторот како алтернативни начини за финансирање на стартап-бизнисите ги предочуваат акцелераторските и програмите на ЕУ, Фондот за иновации и Фондот за Западен Балкан, кој дава по најмалку 100.000 евра за сериозен, издржан проект.
Комората преку Европската мрежа за бизнис-можности обезбедува поддршка во делот наоѓање иновативни решенија и реализирање проекти финансирани од ЕУ за мали и средни претпријатија. Исто така, секој петок овозможува и средби со успешни менаџери – претприемачи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.