| четврток, 6 декември 2018 |

Свободнаја преса: Донецк и Луганск ќе спроведуваат национализација и враќање кон социјализам

Весникот наведува дека, двете самопрогласени републики иако, звучи парадоксално, би можеле на тој начин да остварат едно од основните барања кои упорно беа повторувани за време на тримесечните демонстрации во Киев кои завршија на 22-ри февруари со револуционерно преземање на власта од страна на радикалната украинска националистичка десница.

Според предлогот во Уставот на самопрогласената Донецка народна Република, кој беше усвоен во четвртокот, една од главните мерки кои новите власти би требало да ја спроведат е национализација на големите претпријатија кои, откако Украина во 1991 година стана меѓународно призната држава, за багателни цени биле купени од страна на новопечени бизнисмени.

Лидерите на бунтовниците во Донецк и Луганск истакнуваат дека новата власт, покрај национализацијата на големите компании, борбата за рамноправност на рускиот јазик и зачувување на спомените од борбата против нацизмот за време на Втората светска војна, ќе инсистираат и на социјален модел на држава кој постоел во советската ера.

Во предлог Уставот се предвидува новата државна творба во која би можеле да се обединат областите Донецк и Луганск, да биде претставувана од Врховен совет кој би имал право да го бира номинално раководство на самопрогласените републики.

Украинскиот политиколог Андреј Манчук смета дека доколку властите на новопрогласените републики навистина ја спроведат наведената програма за национализација, таквата политика би можела да добие „огромна поддршка на целиот југоисток во земјата”, во кој се опфатени уште шест други индустриски развиени области со центри во Харков, Днепропетровск, Херсон, Запорожје, Николаев и Одеса.

Манчук, меѓутоа, тврди дека доколку идејата за национализација заврши само на вербални ветувања и „голи декларации”, а се да прерасне во проблем за јазикот и одржување на историски важните спомени, новопрогласените републики тешко дека ќе може да опстанат.

Колку има вистина во ваквите тврдења на Манчук говори и признанието од актуелниот народен губернатор на Донецка народна Република, Павел Губарев, кој истакнува дека познатиот украински олигарх, Ринат Ахметов, кој својата империја вредна околу 16 милијарди долари ја стекнал во најголем дел токму во Донецк, досега бил еден од главните спонзори на бунтовниците во оваа област.

Губарев тврди дека Ахметов, претчувствувајќи ја новата политичка клима во Донецк, се одлучил да ги финансира бунтовниците уште пред 16-ти март кога беше одржан референдум на Крим, иако во исто време секогаш јавно ја поддржувал политичката гарнитура во Киев.

Агенцијата УНИАН пренесе дека сепак Ахметов за време на „тркалезната маса” која се одржа во средата во Киев отворено се спротиставил на натамошно спроведување на „антитерористичките акции на југот од земјата”, и побарал конфликтот наместо со оружје да се решава со преговори.

Директорот на Украинскиот центар за системска анализа и прогноза, Ростослав Ишченко, вели дека, наспроти двосмислената позиција на Ахметов, мнозинството олигарси пред се настојуваат да бидат поблиски до властите во Киев.

Ишченко укажува дека засега прерано е да се говори за дефинитивната економска политика на новите републики во Украина, бидејќи, како што истакнува, „ се уште не се познати нивните граници, а исто така не е познато ниту во каков облик воопшто во иднина ќе постои украинската држава”.

„Олигарсите се заинтересирани за зачувување на досегашниот општествен модел”, тврди Ишченко, со напомена дека по револуционерните промени на властите во Киев, меѓу новите лидери на земјите е воспоставена согласност да се создава еден вид на „олигархиска република”, во чии рамки многу важни функции во извршната власт ќе ги земаат најбогатите бизнисмени, или нивни блиски луѓе.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top