Пропаѓањето е дел од животот на политичките партии. Откако ќе се исцрпи идеологијата или програмата на политичката партија, доколку не претрпи сериозни реформи кон нови цели, пропаста е неизбежна. Под пропаст не се подразбира само згаснување на партија, туку и партија чија актуелна моќ не е споредлива со некогашната. Ако во европската историја најпознати се примерите од Шпанија и од Италија, тоа што се однесува на поблиското минато се губењето на моќта на партиите од Грција, Бугарија или Полска. Тоа што е заедничко за губењето на довербата кај народот се матните зделки и коруптивните афери поврзани со врвот на партиите во транзицискиот период.
Онака како што периодот на доминантно владеење на СДСМ со Македонија се поврзува со сомнителни дејствија и афери при транзицијата, зголемена невработеност и економско слабеење на државата. Тоа пак што се наметнува како втор заеднички момент е дека поголемиот дел од тие партии, како и СДСМ се наследнички на партиите од комунистичко-социјалистичкиот режим.
ПАСОК – Грција
Најблизок пример за пропаст на политичка партија е грчкото Панхеленско-социјалистичко движење, позната како ПАСОК. Некогашната главна левоцентристичка партија, која доминираше во Грција, од 300 места во Парламентот сега се држи на 27 пратеници. Истражувањата, пак, на јавното мислење на почетокот на годинава покажуваат дека ПАСОК нема поддршка ниту кај 3 проценти од населението, со коментар дека е на работ на егзистенција.
Се работи за партија која во 80-тите и во 90-тите години ја тресеше политичката сцена во Грција. Притоа, од 1981 година, кога првпат ја освојува власта, со 173 места во Парламентот, ја формира првата социјалистичка влада во грчката историја. Како добар преговарач, основачот Андреас Папандреу, успева да издејствува големи придобивки од НАТО и од ЕУ со закани за напуштање на организациите. За потсетување, во 1985 година тој му се заканува на Жак Делор со вето за прием на Шпанија и на Португалија во ЕУ доколку Грција не добие поголема финансиска помош. Таа година повторно освојува мнозинство во Парламентот. Партијата се наметнува кај јавноста, ужива поддршка од над 40 проценти, со што речиси две децении е на власт. Кога партијата почна да ја губи поддршката од ниската и од средната класа, по Костас Симитис партијата ја презема синот на првиот претседател, Јоргос Папандреу. Сепак, ниту тој не успева да го смени мислењето дека партијата е мрзелива, корумпирана и ги напуштила прогресивните принципи на економијата врз кои била заснована.
Во 2009 година ПАСОК успева да земе 152 места, но по само две години истражувањата на јавното мислење покажуваат дека дури 92 проценти од јавноста се разочарани од ПАСОК. Од 2012 година партијата ја води Евангелос Венизелос, но слободниот пад на ПАСОК не запира.
СДС – Бугарија
Сојуз на демократски сили (СДС) е првата политичка партиjа во Бугарија од 1989 година со десна ориентација. Ги почна реформите по падот на комунистичкиот режим, а како најголеми репрезенти се претседателите на Бугарија, Жељу Желев и Петар Стојaнов. Партијата претседателствуваше со државата од 1990 до 2001 година.
Партијата беше составена како коалиција од повеќе партии. Државата на почетокот на излезот од социјализмот помина низ многу премрежја и смени. Од 1990 до 1994 година се одржаа четири смени на власта, за конечно во 1996 година СДС да освои мнозинство од 55 проценти од гласовите. Партискиот лидер Иван Костов направи неколку клучни економски реформи, со што во 1999 година доби покана за преговори со ЕУ. Но, реформите го чинеа незадоволство кај јавноста заради пораст на невработеноста, но и обвинувања за корупција, со што на избори СДС загуби од Националното движење за Симеон Втори.
По поразот на изборите во 2001 година, СДС се подели на три дела – Сојуз на демократски сили со лидер Надежда Михаjлова, дотогашниот премиер Иван Костов ја формира партијата Движење за силна Бугарија, а влијателниот поранешен градоначалник на Софија, Стефан Софијански – Сојуз на слободни демократи. Денес претседател на СДС е Емил Кабаиванов. На изборите во 2013 година СДС не освои ниту едно место во националниот парламент.

Петар Стојанов – СДС (лево) и Александер Квашњевски – ДЕМОКРАТСКАТА ЛЕВА АЛИЈАНСА
ДЕМОКРАТСКАТА ЛЕВА АЛИЈАНСА – Полска
Демократската лева алијанса е социјалдемократска политичка партија во Полска, која во 90-тите години на минатиот век се формира како коалиција на левоориентирани и партии од центарот. Всушност, како партија се воспоставува дури во 1999 година. Многу од челните луѓе во партијата, односно од партиите во коалицијата, потекнуваат од Социјалдемократите на Република Полска и Полска социјалдемократска унија, двете партии наследнички на Партијата на полските обединети работници. Таа коалиција успева да привлече гласови од прозападно ориентираните, дури и од националистичките движења во Полска. Сепак, главната поддршка ја има од средната работничка класа, пензионираните и поранешните поддржувачи на власта. Јадрото на коалицијата не ги прифаќаше концептите на лустрација и расчистување со комунистичкото минато, ги критикуваше економските реформи, даваше поддршка на систем со силна улога на претседател и со тешки критики кон десноориентираните партии. Во тој период од 1993 до 1997 година со Полска управува заедно со Полската народна партија, со освоени 171 место во Парламентот. На изборите во 1997 година партијата освојува повеќе од 27 проценти од гласовите. Најголемиот успех го има по формирањето како една партија во 1999 година. На изборите во 2001 освојува 41 процент од гласовите и 216 од 460 места во Парламентот, но и 75 од 100 места во Сенатот. Но, од 2004 година поддршката опаѓа од 30 на 10 проценти откако неколкумина високорангирани членови на партијата беа вмешани во скандали. Тука станува збор за аферата „Ривингејт“, која е тешка преку 17,5 милиони долари и е поврзана со поткупување од медиумите за измена на законот со кој се регулираат медиумските релации. Следува афера која ја засенува првата, а се однесува на приватизацијата на најголемиот нафтен гигант „Орлен“. Во врска со „Ривингејт“, еден од основачите на партијата и претседател на Полска во два мандата од 1995 до 2005 година, Александер Квашњевски, одби да одговара пред ад-хок парламентарната комисија. Тоа предизвика членови на партијата да се одвојат и да формираат свои партии, како Социјалдемократска партија на Полска. На изборите во 2005 година Алијансата доживеа голем пораз освојувајќи само четвртина од гласовите и местата во Парламентот од претходните избори. Истовремено ги губи и местата во Сенатот. Оттогаш, со Полска владеат десноориентирани и центристички партии. Комунистичкиот наследник веќе не е меѓу трите најголеми во државата. Втора карактеристика од тогаш е што на политичката сцена ги нема наследниците на десноориентираните Солидарност и на левоориентираните комунисти.
(Текст објавен во 88. број на неделникот „Република“, 9.05.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



