| четврток, 6 декември 2018 |

Сарачини: Фирмите да не се регистрираат на домашна адреса е само иницијатива

saracini-valjon1
– Предлогот фирмите да не можат да се регистрираат на домашна адреса е само иницијатива која произлезе од тоа што во последно време се прави
злоупотреба на повратот на ДДВ – изјави денеска министерот за економија, Ваљон Сарачини.
Одговарајќи на новинарско прашање, Сарачини нагласи дека допрва треба да се слушнат сугестиите од компаниите и од стопанските комори за потоа да се одлучи дали има потреба од измени на Законот за трговски друштва.
– Тоа е само предлог-законско решение поставено на веб-страницата ener.com.mk и да се слушнат сугестиите од компаниите и стопанските комори. Сѐ уште не е пратен законот во владина процедура. Треба да се одржи јавна дебата, да се слушнат стопанствениците за да можеме да донесеме заклучок дали има или нема потреба од измени и дополнувања на Законот за трговски друштва – изјави Сарачини по средбата со домашните и странските инвеститори.
Тој нагласи дека иницијативата произлегла од тоа што во последно време е забележано дека се прави злоупотреба на повратот на ДДВ.
– Многу компании имаат иста адреса со местото на живеење. Се случува управител или директор на некоја копанија која е регистрирана на домашна адреса многу често за набавка на персонални средства да бара поврат на ДДВ. Тоа е злоупотреба на повратот на ДДВ и затоа сакаме да го стопираме тоа. Но, во ниту еден случај нема да дозволиме да трпи малиот бизнис поради едно вакво законско решение – потенцира министерот Сарачини.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top