| четврток, 6 декември 2018 |

Ќе се санира потопената црква во Мавровско Eзеро

Црква Мавровско езероИдејниот проект за заживување, санација и заштита на црквата „Свети Никола“, која половина век е потопена во Мавровско Езеро, денеска ќе биде презентиран во Студиото „Театрикс“ од Скопје.

– Целта на овој идеен проект е да го заживее споменот на црквата, да ја реконструира и адаптира во современ центар за културни случувања, изложби и други настани и да даде несекојдневен белег на овој туристички регион. Угледниот американски портал „Хафингтон пост“ ја смести црквата во листата на најмагичните верски објекти во светот – информираат од Театрикс.

Објектот треба да се санира и заштити како дел од архитектонското и културното наследство. Црквата би ја зачувала првобитната форма, би се санирале ѕидовите, како и изведба на покривна конструкција која ја задржува првобитната силуета на црквата.

Проектот предвидува околу црквата да се развива камена обвивка во две варијанти. Во првиот предложен модел, камената обвивка е скулптурално обликувана со стаклени продори кои го задржуваат допирот со водата и отвараат визури кон околина.

Во втората варијанта предвидена е камена обвивка која е обликувана во вид на систем за подвижни ѕидови кои во зависност од водостојот се регулираат по височина.  Се предвидува пристап од две точки, кога водостојот е минимален се влегува од кота на плато, или при максимален водостој кога се создава галерија која кружи околу црквата и овозможува отворање на визури кон дворот и кон природното опкружување.

crkva_vo_voda_sveti_nikola.Црквата „Свети Никола“ беше потопена во езерото во 1952 година и е неизбежен симбол на Мавровско Езеро, која постојано е публикувана во разни туристички материјали во светот. Вредниот иконостас и другите предмети од црквата се спасени и конзервирани откако беше потопена. Таа е евидентиран споменик на културата, но во последната катастарска снимка на Македонија не е регистрирана како постоен објект.

Црквата е изградена во 1850 година и конципирана како трикоробна црква со петострана апсида, кула, камбанарија и иконостас изработен од Дичо Зограф, прочуен зограф од реканскиот регион.  Во неа се изведувале редовни богослужби повеќе од сто години. И денес црквата е извонреден примерок на македонската архитектура од средината на 19 век, која локалните жители ја доживуваат како свет објект.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top