| четврток, 6 декември 2018 |

Претприемаштво влегува во македонското образованието

ucenici1

Министерството за образование и наука ќе ги поврзува средношколците со докажани и успешни претприемачи и на директни, тематски средби со нив учениците ќе се запознаваат со успешни искуства во бизнисот и иновациите.

Тоа ќе биде следна цел од проектот на МОН за оспособување на ученците за претприемништво „Вешти и компетентни“, чии досегашни резултати се оценети како добра практика и од директоратите на Европската унија за образование и култура и за стопанство и индустрија.

Проширувањето на проектот го најави министерот Спиро Ристовски на прес-конференција, нагласувајќи дека спојувањето на средношколците со претставници од реалниот сектор е единствен начин тие да добијат вистинска претстава за работната средина и за бизнис-климата во земјата, да најдат одговори за своите дилеми или да дојдат до идеја што би ја реализирале во иднина.

– МОН веќе испрати директна покана до повеќе од илјада компании. одговорите ги очекуваме на официјалната мејл адреса vestiikompetentni@mon.gov.mk а потоа, во зависност од можностите на секоја компанија која позитивно ќе се изјасни, ќе биде изработен и план за реализација на средбите со учениците, со динамика од следната учебна 2014/2015 година. Апелирам до сите заинтересирани компании доколку се во можност да придонесат во реализацијата на оваа активност, рече Ристовски, додавајќи дека целта на проектот ќе се постигне само преку заеднички, партнерски пристап со стопанството.

За развивање на претприемачкиот дух кај учениците, во наставните планови и програми МОН воведе соодветни теми. Изменети се наставните содржини по шест предмети во основното образование (информатика, математика, биологија, хемија, физика и ликовно), а во сите средни училишта е воведен предмет „Иновации и претприемништво“ од прва до трета година и „Бизнис и претприемништво“ во четврта година. За имплементација на проектот за претприемништво, обучени беа над 2.500 наставници во основното и над 1.300 во средното образование.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top