| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Фрустрираат евроинтеграции со статус кво

ivanov fileПретседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на денешната средба со еврокомесарот за проширување Штефан Филе во Брисел истакна дека непроменетата ситуација во однос на македонските евроинтеграции фрустрира и побара Македонија да добие датум за преговори на претстојниот самит на Европскиот совет, а паралелно да го решава билатералниот спор со Грција.

Иванов укажал дека предолгото чекање за следниот исчекор во евроатлантските интеграции не помага во забрзувањето на реформите и надминувањето на забелешките од последниот прогрес-извештај за нашата земја на Европската комисија.

– Непроменетата состојба создава фрустрации во нашето општество. Таа не е добра како за Македонија, така и за регионот, но и за кредибилитетот на проширувањето. Македонија бара на претстојниот самит на Европскиот совет и за земјата да биде применет позитивниот пример на паралелно движење во интеграцијата и надминувањето на билатералниот спор – му рекол Иванов на комесарот за проширување.

Филе му го честитал вториот мандат на Иванов и неговиот избор, како и при добивањето на првиот мандат, својата прва официјална посета да ја оствари во Брисел, но притоа побарал успешно надминување на забелешките во извештаите на Комисијата и ОБСЕ/ОДИХР за нашата земја. Истакнал дека главни предизвици се актуелната политичка состојба во Европа, но и на Балканот и пред сѐ во Република Македонија. Еврокомесарот додал дека по изборите за новиот состав на Европскиот парламент, што ќе се одржат пред крајот на овој месец, тој е подготвен да го продолжи конструктивниот дијалог со македонскиот претседател во однос на предизвиците и можностите во наредниот период.

Иванов и Филе разговарале и за актуелните состојби во регионот и за добрососедските односи.

На агендата на претседателот Иванов е и средба со првиот човек на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top