Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на денешната средба со еврокомесарот за проширување Штефан Филе во Брисел истакна дека непроменетата ситуација во однос на македонските евроинтеграции фрустрира и побара Македонија да добие датум за преговори на претстојниот самит на Европскиот совет, а паралелно да го решава билатералниот спор со Грција.
Иванов укажал дека предолгото чекање за следниот исчекор во евроатлантските интеграции не помага во забрзувањето на реформите и надминувањето на забелешките од последниот прогрес-извештај за нашата земја на Европската комисија.
– Непроменетата состојба создава фрустрации во нашето општество. Таа не е добра како за Македонија, така и за регионот, но и за кредибилитетот на проширувањето. Македонија бара на претстојниот самит на Европскиот совет и за земјата да биде применет позитивниот пример на паралелно движење во интеграцијата и надминувањето на билатералниот спор – му рекол Иванов на комесарот за проширување.
Филе му го честитал вториот мандат на Иванов и неговиот избор, како и при добивањето на првиот мандат, својата прва официјална посета да ја оствари во Брисел, но притоа побарал успешно надминување на забелешките во извештаите на Комисијата и ОБСЕ/ОДИХР за нашата земја. Истакнал дека главни предизвици се актуелната политичка состојба во Европа, но и на Балканот и пред сѐ во Република Македонија. Еврокомесарот додал дека по изборите за новиот состав на Европскиот парламент, што ќе се одржат пред крајот на овој месец, тој е подготвен да го продолжи конструктивниот дијалог со македонскиот претседател во однос на предизвиците и можностите во наредниот период.
Иванов и Филе разговарале и за актуелните состојби во регионот и за добрососедските односи.
На агендата на претседателот Иванов е и средба со првиот човек на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.