На првиот театарски фестивал во организација на Македонскиот национален театар, а со поддршка на Министерството за култура, кој ќе се одржува од 25 мај до 5 јуни, ќе гостуваат претстави во изведба на ансамблите на националните театри на Грузија, Бугарија, Азербејџан, Црна Гора, Хрватска, Србија и Велика Британија.
– Нашата идеја е фестивалот да овозможи презентирање на различните сценски естетики и подобро меѓусебно запознавање и, се разбира, отворање поголеми можности за посериозна заемна соработка во иднина и размена на искуства – рече директорот на МНТ, Дејан Лилиќ.
На сцената на МНТ ќе гостуваат националните театри од седум држави, меѓу кои и британскиот „Глоуб театар“, кој има четиривековна традиција. Ансамблот на лондонскиот театар ќе го затвори фестивалот со претставата „Хамлет“ во режија на Доминик Дромгул и Бил Бакхарст, која ќе биде изведена во два термини, попладне и вечер. Во рамките на фестивалот ќе бидат изведени и следниве претстави: „Како што милувате“ во изведба на грузискиот национален театар „Коте Марџијанишвили“ во режија на Леван Цулазде (25 мај), потоа „Лет над кукавичкото гнездо“ во изведба на бугарскиот народен театар „Иван Вазов“, во режија на Александар Морфов (27 мај). Националниот театар на Азербејџан ќе ја изведе претставата „Мене…нас…“ во режија на Гунер Сатај (28 мај), Црногорско народно позориште ќе ја изведе претставата „Everyman Dzilas“ во режија на Радмила Војводиќ (29 мај), Хрватскиот народен театар ќе ја изведе претставата „Медеја“ во режија на Томаж Пандур (31 мај), а ансамблот на српскиот народен театар ќе ја изведе претставата „Народен пратеник“ во режија на Саша Габриќ (03 јуни).
Во рамки на фестивалот ќе бидат одржани работилници и предавања на кои ќе присуствуваат и актерите и режисерите на претставите.
Влезниците од утре ќе бидат пуштени во продажба на билетарницата на МНТ, а ќе чинат 300 денари, освен за претставата „Хамлет“, која ќе чини 500 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Београдско драмско позориште со „Зојкин стан“ гостува во МНТ
-
Београдско драмско позориште гостува во МНТ со „Зојкиниот стан“
-
МНТ се приклучи во хуманитарната акција за Сара: Сретствата од билетите од „Силјан Штркот шанца“ ќе се донираат
-
МНТ со „Кец на десетка“ гостува на фестивалот „Ин Виница веритас“