| четврток, 6 декември 2018 |

МАР бара регулирање на давачките што ги плаќаат концесионерите

rudar
Македонската асоцијација на рударството – МАР смета дека треба да се води сметка за давачките кои ги плаќаат концесионерите за да не се предизвика несигурност кај  инвеститорите, особено кај оние во големите рудници.

– Со новиот Закон за минерални суровини воведена е нова давачка која предвидува, доколку постоечкиот концесионер сака да продаде удел од својата концесија, да треба да плати 7 проценти од вредноста на проценетата концесија. Гледано од страна на државата, можеби тоа е исправно, но е нова давачка чие воведување можеби не е соодветно во време кога имаме подем на рударството – рече претседателот на МАР, Николајчо Николов на денешната прес-конференција.

Тој посочи дека воведувањето на новата давачка веројатно ќе придонесе за намалување на бројот на инвеститорите во рудниците.

– Тешко е да се изгради рударско претпријатие, бидејќи за помала инвестиција се неопходни 50 до 60 милиони долари, а за поголема и 500 до 600 милиони. Кога станува збор за суровини кои се на границата на рентабилноста, прашање е дали инвеститорите би се осмелиле да вложат толку многу пари – рече Николов.

Тој нагласи дека рударството во Македонија зазема се позначајна улога во вкупното  стопанство и од 2005 година наваму бележи постојан подем. Во 2013 година вкупното производство во овој сектор е поголемо за 3,4 отсто во споредба со претходната година.

– На нас како Асоцијација на рударството, но и на Министерството за економија, треба да ни биде задача да внимаваме како и на кому ги доделуваме концесиите – рече Николов.

Во последните 10-тина години во Македонија, додаде, се отворени поголем број  рударски компании кои се занимаваат со ископ на камен наменет за градежништвото, но се уште не е регистрирано поголемо претпријатие за преработка на метални минерани суровини.

Потпретседателот на МАР, Шефки Алити истакна дека каменоломите се соочуваат со проблеми и зголемени трошоци на работа пред се поради повисоката цена на нафтата, а особено поради двојно повисоката цена на електричната енергија во последните две години и заострените критериуми на ЕВН Македонија за наплата на долговите за струја.

– Во последно време се отворени многу каменоломи од кои само некои работат добро, а другите делумно. Неопходно е да има поголем број странски инвеститори за нормално да работат сите каменоломи – рече Алити.

Во рударството и вадење камен во 2013 година бројот на активни компании изнесува 164 од кои 129 се каменоломи. Во овој сектор лани вкупно биле вработени 10.041 работник или 1,6 отсто од вкупниот број вработени во земјава, а е реализиран извоз од 215,5 милиони долари пред се во соседните земји.

Во првите три месеци од годинава  физичкиот обем на производство има намалување од 0,5 отсто што се смета за нормално во зимскиот период од годината, а реализиран е извоз од 55 милиони долари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top