| четврток, 6 декември 2018 |

Готвачот Џејми Оливер – втор најпродаван автор во историјата

Иако е мултимилионер, тој и натаму изгледа како обичен парталко. Тоа, сепак, не им пречи на неговите земјаци за да го прогласат за личност која има најголемо влијание врз оформувањето на јавното мислење на средните слоеви на британското општество. Оваа „титула“, која му беше доделена во почетокот на годинава, се припишува, главно, на неговата нагласена социјална свесност во сѐ со што се занимава, иако некои го обвинуваат дека претерано се комерцијализирал

Jemie-Oliver-1

Секој што е подобро навлезен во светската гастрономија, без двоумење, ќе ви каже дека Англичаните, можеби, биле голема светска сила, а, несомнено, такви се и денес, но дека дефинитивно се дудуци кога станува збор за готвењето. Доказ за тоа, ќе ви кажат, е тоа што до скоро главната закуска на најголемиот дел од Британците беа фамозните риба и компирчиња (фиш енд чипс), и тоа завиткани, по традиција, во весник. А да! Тука се и јагнешките котлети и по некој национален специјалитет од овчо месо што, секако, не е доволно за една земја да се нареди меѓу светските кулинарски велесили какви што се Кина, Индија, Италија, Франција… и толку.

Но, еден млад човек или, подобро да кажеме, момче – не само затоа што се стекна со светска слава уште како момче, ами и затоа што на 35-годишна возраст изгледа како постар тинејџер – успеа, изгледа, да им го обели кулинарскиот образ на поданиците на гордиот Албион. Погодувате, станува збор за Џејми Оливер, голиот готвач, како што го нарекуваат настојчиво и денес неговите земјаци во чест на истоимената серија на националната телевизија „Би-Би-Си“, која буквално преку ноќ го лансираше во врвна не само готварска, ами и естрадна ѕвезда.

На 38 години ја прочитал првата книга

Најпознатиот готвач во светот, Џејми Оливер, кој се залага за здрава исхрана на децата во училиштата, како и за подобро образование, признава дека не прочитал ниедна книга сѐ до својата 38-годишна возраст. Тој за британскиот весник „Индепендент“ изјави дека не се гордее поради тој факт. Признава дека во читањето го спречува дислексијата.

– Никогаш не сум прочитал книга. Знам дека звучи грозно. Имам дислексија и бргу ми здодева сѐ – открива најпознатиот готвач во светот.

Иронично е тоа што Оливер е автор на голем број готвачи кои се најпродавани книги.

Тој призна дека завршил со читањето на научнофантастичниот роман „Лов на огнот“ од Сузан Колинс на 390 страници.

Откако претходно на неговиот шарм падна речиси целата планета, велиме – Џејми Оливер може или да се сака или да се мрази. Како и да е, и оние што не го сакаат неговиот необичен „стил“, признаваат дека станува збор за уникатна појава која успеа да ги надмине вообичаените рамки на т.н. „селебрити шефс“ – феномен познат, особено во Америка, уште од пионерските денови на телевизијата. Конечно, дека Џејми Оливер стана нешто поголемо од стандарден готвач на ТВ покажуваат голите бројки кои, меѓу другото, вклучуваат преку еден и пол милион фунти годишно како хонорари за неговите телевизиски емисии, двојно или тројно поголеми заработки од специјални рекламни договори со познати фирми, меѓу другото, Оливер е „заштитно лице“ на големиот синџир за дистрибуција на прехранбени продукти „саинбури“. Да не говориме за тоа дека златното момче во текот на годината заработува повеќе од два и пол милиона фунти од продажбата на готвачи и други готварски книги.

Според некои, главниот трик што го направи Џејми Оливер толку популарен, особено во неговата родна Британија, е времето во кое се појави. Имено, Џејми од глава до петици е дете на деведесеттите години, што значи дека добро се снаоѓа со „феномените“ што ги донесе оваа декада, од глобализмот и мултикултурализмот, до нагласената социјална свесност. Ова последново, патем, е присутно во сето тоа што го работи Џејми Оливер. Конечно, тој уште како триесетгодишник кај англиската кралица си ја заработи титулата ОБЕ (тоа е нешто како почесен граѓанин кај нас) за синџирот ресторани „Фифтин“ во кои, меѓу другото, во рамките на една програма за рехабилитација на проблематични млади луѓе кои ги воведува во тајните на готвењето.

Богатство од 1,1 милион фунти во подрумот на новиот ресторан

Познатиот готвач пронашол ретки и непроценливо вредни снимки од „Џој дивижн“ и „Њу ордер“ во подрумот на неговиот нов ресторан кој е во изградба. Нашол и куп богатство вредно повеќе од еден милион фунти. Ресторанот на Џејми Оливер се гради врз стара филијала на банката Мидленд, а снимките се пронајдени при ископување на темелите. Освен ретките снимки од групите, во откриениот таен склад имало и пиштоли, злато и накит. Вредноста на пронајденото изнесува околу 1,1 милион фунти, но Џејми ќе мора да го врати во трезорот на банката Мидленд. Материјалите на „Џој дивижн“ и натаму привлекува интерес кој особено се зголеми по самоубиството на пејачот Иан Куртис во 1980 година, пред објавувањето на вториот албум „Closer“. Во меѓувреме, групата „Њу Ордер“, која контроверзно се реоформи без легендарниот басист Питер Хук, неодамна го потврди учеството на фестивалот „Бестивал“, кој ќе се одржи ова лето.

Згора на сѐ, токму во духот на животната филозофија на „постпостмодерната“ генерација, на која ѝ припаѓа, тој со тоа и одлично заработува бидејќи секаде каде што постојат рестораните „Фифтин“ (Оливер од пред извесно време својот синџир почна да го шири и надвор од Велика Британија) луѓето, едноставно, се луди да пробаат јадења што ги зготвил некој поранешен малолетен деликвент.

Грижата, не само за готвењето ами и за тоа што се случува во неговата земја туку и во светот, Џејми Оливер ја потврди и неодамна со својата нова акција за подобрување на квалитетот на исхраната во британските детски градинки и училишта, при што, дали поради неговата харизма, успеа да го направи тоа што на британските родители не им одеше од рака неколку децении – од училишните кујни, со официјална забрана од страна на државата и на училишните власти, да ја избрка нездравата исхрана.

Jemie-Oliver-2

Подготви вечера за лидерите на самитот на Г20

Џејми Оливер си најде нова можност, на која уште еднаш ќе ги презентира своите ненадминати кулинарски вештини.Тој подготви вечера за најголемите лидери во светот кои присуствуваа на самитот на Г20 во Лондон. Според него, јадењата во најголем дел биле подготвени од британски состојки.

Втората вест вели дека ќе го отвори својот четврти по ред ресторан во Брајтон на брегот на Атлантски Океан. На тој начин, веќе можеме да зборуваме за синџир ресторани во кои има една особеност: за обична вечера за двајца мора да закажете термин два месеца порано. Како и да е, чекањето ќе ви се исплати — ќе ги вкусите оригиналните јадења на Џејми.

Џејми Оливер за себе вели дека во детството луѓето го шиканирале поради сериозниот облик на дислексија што ја имал. Затоа денес е уште поинтересно дека стигнал на второто место на листата на најпродавани автори на книги и дека од таа работа заработил 126 милиони фунти.

Готвачот и ТВ-ѕвезда е роден во Есекс и е презентер на здрава храна за деца во училиштата, продал повеќе од 10 милиони готвачи и се нашол веднаш зад авторката на „Хари Потер“ – Џоана Ролинг. Нејзините седум книги за младиот волшебник инкасирале 237,6 милиони фунти. Листата на најпродаваните автори ја има направено магазинот „Букселер“.

Покрај Џејми, чии бестселери „Голиот готвач“ и „Јадења за 30 минути“ и понатаму се меѓу најбараните во книжарниците низ светот, на листата се нашле уште некои готвачи, како што се Најџела Лосон, Делаја Смит и Гордон Ремзи.

Го смени рецептот за хамбургер во „Мекдоналдс“

Познатиот светски готвач и поборник на здрава исхрана, Џејми Оливер, го наведе синџирот на рестораните за брза храна „Мекдоналдс“ да го смени рецептот на својот славен хамбургер.

Оливер бил лут поради фактот дека при обработката на месото за хамбургери во САД се користи амони­умхидроксид, што мрсното говедско месо го претвора во „розова смеса“ за плескавици. По кампањата што неколку месеци ја спроведуваше во својата телевизиска емисија „Џејми Оливер фуд револушн“, пораката стигна и до потрошувачите, но и до американското Министерство за земјоделство, чии експерти остро ја осудија употребата на оваа опасна хемикалија.

Иако, наводно, престанале да користат амониухидроксид во преработката на месото. Од „Мекдоналдс“ одбиваат да признаат дека кампањата за здрава исхрана на Џејми Оливер ги навела да го направат тој потег.

Интересно е дека младиот готвач ги оставил зад себе писателите како Џон Гришам, Стивен Кинг и авторот на трилогијата „Милениум“, Стиг Ларсон. Богатството на Џејми Оливер се проценува на 200 милиони евра, а неговата книга „Јадења за 30 минути“ е продадена за еден милион примероци.

Книгата со рецепти на популарниот британски готвач трета година по ред е прва на божикната листа бестселери во Велика Британија, но апсолутен рекордер на годината, сепак, останува еротскиот роман „Педесет нијанси сиво“. Неговата книга со рецепти „Јадења за 15 минути“ само во изминатава седмица била продадена во речиси 118 илјади примероци. Оливер во 2010 година се нашол на првото место со книгата „Јадења за 30 минути“, а минатата година со книгата британски рецепти.

Следните пет години ќе врши кетеринг на стадионот „Етихад”

Фирмата на Оливер ќе биде одговорна за храната за време на натпревари, како и за кетерингот за време на конференции и официјални настани на стадионот „Етихад“. Стадионот со капацитет од 48 илјади луѓе има 11 кујни, 19 барови и 69 ВИП ложи за гледачи.

– Нашата амбиција е да создадеме чувство на услуга од светска класа за сите посетители на „Етихад“ во Манџестер. Сакаме да работиме со водечките брендови во желбата да продолжиме во со таа цел – изјави главниот директор за продажба на Манчестер сити.

Американската компанија „Ле­џендс хоспиталити“, која е во сопственост на рагби тимот Далас каубојс и најпопуларниот бејзбол тим Њујорк енкис, го најмила Оливер за кулинарскиот дел од услугите.

– Сметаме дека тоа ќе биде најдобар кетеринг на стадионите во Премиер лигата – изјави Најџел Харис, извршен директор во фирмата на Џејми.

Тоа нема да биде првиот проект на Оливер во Манчестер. Во центарот на градот веќе работи еден од синџирот ресторани „Jamie’s“.

Минатиот месец книгата на Оливер „15-минутни јадења“ стана најпродавана книга за изминатата година откако ја претекна новата книга на Џеј Кеј Роулинг, три недели пред крајот на 2012 година.

 

(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 87. број на неделникот „Република“, 2.05.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top