Математиката е многу едноставна. Ако нема бојкот од страна на СДСМ, Заев ќе биде целосно маргинализиран. Како ретко кога во последниве 10 години, земјата влегува во период од најмалку три години во кои не се предвидени никакви избори. Период во кој владата на Груевски ќе се соочува со критики од опозицијата, но реално ќе има доволно време за да ги спроведе сите 2.046 проекти и да го зацврсти својот рејтинг кај народот. Итриот струмичанец знае дека доколку ВМРО–ДМНЕ спроведе макар и една половина од своите проекти и донесе и една третина од најавените странски инвестиции, СДСМ и за три години на локалните избори и за четири години на следните парламентарни избори ќе нема поголеми шанси за пресврт. Заев е свесен дека и покрај прогнозите и надежите на дел од аналитичарите за економски и финансиски крах, таквото сценарио е малку веројатно со најновите поместувања во светската и, пред сѐ, во европската економија од која во голем дел зависи и македонската. Може да се надева на повторување на етничките судири од 2001 година, но ако ги чита анализите на странските агенции и нивната восхитеност од начинот на кој Груевски и Ахмети ги држат под контрола интеретничките тензии и покрај стравично опасни и тешки настани како велигденскиот масакр кај Смиљковско Езеро и операцијата „Бродец“, и таа надеж не треба да е голема.
И влезот во НАТО и во ЕУ како чекор што може да ја урниса владината комотна позиција веќе не е пресуден за менување на расположението на народот, особено откако пресудата од Хаг покажа и докажа дека Македонија не е виновна за односите Скопје – Атина. Никој во земјава не верува дека македонската влада е виновникот за грчкото вето во евроатлантските интеграции а и сѐ повеќе луѓе во светот го сфаќаат тоа.
Единствениот простор каде што Заев може да се надева на драматична промена и да биде реален оптимист дека работите ќе се свртат во негова корист е лакомоста на Али Ахмети да го наметне албанскиот јазик како официјален јазик на цела територија на земјата, заедно со македонскиот јазик, и да добие Албанец за шеф на државата, претседател на Собранието или министер за внатрешни работи.
Не е само Ахмети среќен од потегот на Заев
Информацијата за бојкотот на Заев не била добре дојдена само во Мала Речица. Според непотврдени сознанија, видни членови на кабинетот на Самарас, шефот на опозицијата, во живо, со помош на преведувач, ги слушале зборовите на Заев. Во моменти кога Грција, и тоа според доброинформирани провладини медиуми во Атина, се соочува со крах на политиката за името и со ризикот поради сѐ помалата поддршка во светот да го спречи приемот на Македонија во НАТО во септември, Самарас по принципот на старата „непријателот на мојот непријател е мој пријател“, го добива најдобриот можен сојузник, градоначалникот на Струмица. Сега Самарас, доколку биде, навистина, биде притиснат од Вашингтон, Берлин или Париз поради Украина да направи отстапка и да нѐ примат во НАТО под референцата, лесно ќе може да поентира дека држава во која опозицијата не е дел од институциите не е најдобар кандидат за членка на алијансата. Доколку ВМРО–ДПМНЕ ги одбие барањата на ДУИ и Ахмети го фати патот на Заев, тогаш Самарас ќе има уште полесна задача да ги убеди глобалните фактори дека Македонија не само што е во длабока политичка криза туку и дека е потенцијален безбедносен ризик. Во спорот за името дополнително ќе има одличен аргумент според кој без верификување на евентуален договор од опозицијата постои опасност тој да не биде прифатен од неа кога ќе се врати во институциите.
Со својата последна политичка авантура Заев значително му ја олесни целта на Ахмети. Многу се лажат и премиерот Груевски, и домашните аналитичари , и странските набљудувачи и амбасадори дека на Заев му е потребен добар сон и бистрење на зовриената глава за да сфати што направил со непризнавањето на изборите. Иако многумина го потценуваат поради неговиот брз јазик, во случајов никако не смее да се помисли дека се работи за момент на разочарување и на бес предизвикани од нерегуларни избори. Зоран Заев точно знае каква промена во односите ВМРО –ДПМНЕ и ДУИ донесе неговата најава за бојкот на институциите ако нема техничка влада и нови избори организирани од истата таа замислена влада од Заев.
Како што говорот на телото на Заев и совршено искажаниот текст на конференцијата за печат веднаш по затворањето на гласачките кутии покажа дека се работи за долго планирана политичка операција, која не зависеше од денот на изборите или од владината контрола на голем дел од медиумите, така и еуфоријата на лидерот на ДУИ на внимателните посматрачи јасно им покажа дека тој е многу порадосен од потегот на Заев отколку од освоените 19 пратеници во собранието.
Зоран Заев е решен ако веќе пропаѓа како лидер на најголемата партија да се обиде со себе во вителот да го однесе и својот најголем политички ривал Никола Груевски. И затоа му го сервираше на лидерот на ДУИ. Простата математика вели дека без пратениците на СДСМ во собранието и во институциите Груевски ќе има многу потешка задача да ја спроведе својата програма доколку на сличен чекор како СДСМ се реши и ДУИ. Ахмети веќе најави дека при договарањето на новата влада ќе настапи со неколку барања и дека во случај тие да бидат одбиени, најголемата албанска партија не исклучува дестабилизација на земјата. Точно е дека ВМРО–ДПМНЕ може да функционира во коалиција со ГРОМ и со ДПА, но, објективно, минимални се шансите за стабилно владеење во ситуација доколку вкупно 54 пратеници на СДСМ и на ДУИ се надвор од Собранието.
На што ги темели Ахмети своите барања
На еден од предизборните митинзи лидерот на ДУИ на присутните им порача дека на овие избори за првпат на списоците се појавиле 14.000 млади Албанци. Тој не кажа дали е тоа споредба со последните локални избори лани, со парламентарните избори во 2011 година или со некој друг датум. Анализата на албанските гласови во последниве осум години покажува дека Ахмети со право се гордее со новите генерации албански гласачи, кои значително ја менуваат структурата на гласачкото тело. Еве како од изборите во 2006 година се менува бројот на гласовите дадени за албанските политички партии во изборните единици 1, 2, 5 и 6 каде што тие добиваат значителна поддршка.
2006 – 190.000
2008 – 220.000
2011 – 225.000
2014 – 228.000Порастот на бројот од 38.000 гласачи што гласале за албански партии е идентичен со разликата меѓу вкупниот бројот гласачи во 2006 година и во 2014 година, што би можело да значи дека бројот на гласачи Македонци и други националности пред осум години и сега е ист, а бројот на гласачи Албанци е зголемен за 38.000. На парламентарните избори во 2006 година од вкупно 1.741.449 избирачи гласале 974.891 или 55,98 проценти. На последните избори од вкупно 1.779.572 избирачи, гласале 1.120.744 со одѕив од 62,96 проценти.
(објавено во 87. број на неделникот „Република“, 2.05.2014)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Ахмети: Денко Малески е прифатлив консензуален кандидат за претседател
-
Заев: Размислуваме за законска измена за справување со кучињата
-
Заев: Македонско-грчката комисија ќе почне да работи откако ќе се ратификува Договорот од Преспа во двете земји
-
Помирување, со цел промена на името и Уставот на Република Македонија, не е прифатливо