Проширувањето на НАТО нема да биде една од главните теми на самитот на НАТО во Велика Британија, но алијансата ќе остане отворена за земјите кои се заинтересирани да ѝ се приклучат и САД ќе продолжат да ги поддржуваат на тој пат, изјави портпаролката на Стејт департментот, Мари Харф, јави МИА.
– Во врска со НАТО, алијансата останува отворена за сите европски демократии кои сакаат да се приклучат, кои ги унапредуваат принципите на НАТО и придонесуваат кон стабилноста и сигурноста на северноатланската област. Продолжуваме да ги имаме овие разговори. Проширувањето нема да биде една од главните теми на самитот во 2014 година, но тоа е прашање на кое треба да бидеме фокусирани – изјави Харф на новинарското прашање за тоа што може да се очекува на самитот кој ќе се одржи во Велика Британија во септември.
Македонија и Црна Гора се надеваат на покана за членство на самитот, додека повеќе земји, како Босна и Херцеговина и Грузија, очекуваат отворање на процесот МАП.
Харф воедно рече дека САД не загубиле интерес во балканскиот регион.
– Повеќе од 20 години нашиот ангажман во регионот е воден од желбата да ги оддржиме аспирациите на земјите од Западен Балкан за да се интегрираат во евроатланските институции. Претседателот нема да го посети регионот при европската турнеја, но овие прашања остануваат и тие се најдобар начин да се обезбеди долгорочно просперитетот – изјави Харф.
Од друга страна, помошникот државен секретар за Европа, Викторија Нуланд, која е и поранешен американски амбасадор во НАТО, зборувајќи конкретно за Грузија, предупреди дека не е сигурно дека сите членки на НАТО ќе го поддржат проширувањето на септемврискиот самит.
Во своите забелешки, Нуланд предупреди дека на Балканот доаѓа до ширење на влијанието на Русија и дека САД мора да се спротивстават на тоа.
Нуланд се соочи со критички прашања од повеќе конгресмени, кои го нападнаа американскиот пристап кон кризата во Украина. Демократскиот конгресмен Бред Шерман ја праша дали американската поддршка за независноста на Косово или Јужен Судан обезбедила легитимитет за прорускиот сепаратизам во Украина, теза која Нуланд ја отфрли.
Во своите забелешки Нуланд најави дека на самитот на НАТО во Велика Британија ќе стане збор, пред сѐ, за американското барање од европските сојузници да ги зголемат расходите за своите армии за да бидат во состојбата да парираат на ширењето на руското влијание.
Таа воедно најави дека НАТО ќе расправа за стратегијата за постепено и долгорочно зголемување на бројот на воени единици, борбени авиони и бродови кои се распоредуваат во источна Европа, во земјите кои се чувствуваат загрозени од Русија по кризата во Украина. Таа рече дека досега САД распоредиле 750 свои војници во регионот.
Како главни мерки да ѝ се парира на Русија, Нуланд рече дека ќе се бара начин за обезбедување нови извори на енергија за Украина и за Европа во целина, како и за снабдување на Украина со гас со вртење на текот на гасоводите во оваа земја во спротивната насока – место да пренесуваат руски гас кон Европа, да носат гас увезен во Европа кон Украина. Нуланд најави и инвестиции во медиумските програми кои САД ги продуцираат, а се насочени кон Украина, Русија и источна Европа.
И Нуланд и Харф вчера внимателно ја поздравија најавата на рускиот претседател Владимир Путин дека ги повлекол своите сили од украинската граница и побара од проруските сепаратистички сили во Украина да го одложат референдумот за независност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Метју Палмер во Сараево: Македонија може да стане членка на НАТО до средината на 2020 година
-
Пендаровски: Од јануари очекувам да бидеме на иста маса со НАТО
-
Не се очекува земјите од Алијансата да распоредат ново нуклеарно оружје во Европа
-
Стејт департментот ја поздрави одлуката за уставни измени на македонскиот Парламент