Премиерната изведба на операта ’Симоне Боканегра’ на Џузепе Верди ќе ги отвори 42. Мајски оперски вечери во петок (9-ти мај) во Македонската опера и балет. Манифестацијата ќе трае до 31 мај, на репертоарот се пет опери и еден балет, а на сите претстави доминираат гости од татковината на операта – Италија. Операта ‘Симон Боканегра’ е во режија на Антонио Карло де Лучија од Италија, а ќе биде изведена под диригентство на Италијанецот Џанлука Мартиненги.
Насловната улога ќе ја игра баритонот Борис Трајанов, а покрај него на сцената ќе настапат и Весна Ѓиновска Илкова, Владимир Саздовски, Ѓорѓи Цуцковски, Владимир Андриќ од Србија, Ернес Ибраимовски, Марјан Николовски и Марика Поповиќ. Сценограф е Алесандра Полимео, а костимограф Александар Ношпал.
Дејството во операта се одвива во Џенова, во 14-тиот век.
На 12-ти мај во Македонската опера и балет ќе биде изведен балетот ‘Жизел’ на Адолф Адам, на 18-ти мај на репертоарот е операта ‘Дон Џовани’ на Моцарт, на 22-ри мај ‘Фауст’ на Шарл Гуно, на 26-ти мај ‘Турандот’ на Џакомо Пучини, а манифестацијата ќе биде затворена на 31-ви мај со ‘Аида’ на Џузепе Верди.
Фестивалот е финансиран од Министерството за култура и поддржан од спонзори и медиумски покровители.
Цените на билетите се 400 денари во галеријата, 600 денари во партерот и 800 денари за ВИП влезница. Блок билетите за сите шест претстави се 1.440, 2.160 и 2.880 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.