| четврток, 6 декември 2018 |

„Алиталија“ и „ТАВ Македонија“ го поврзаа Скопје со директен лет до вечниот град Рим

voden

Италијанскиот авиопревозник „Алиталија“ и концесионерот на аеродромите „Александар Велики“ и „Св. Апостол Павле“, „ТАВ Македонија“, вчера го промовира резултатот од заедничката соработка – директниот лет од Скопје до вечниот град Рим. Со свечено сечење торта и коктел во попладневните часови патниците беа дочекани во присуство на бизнис-заедницата и на претставници на дипломатскиот кор.

Со воспоставувањето на редовната авиолинија помеѓу Скопје и Рим, „ТАВ Македонија“ исполнува уште едно од своите ветувања за поврзување на Република Македонија со главниот град на Италија. Летот од аеродромот „Александар Велики“ до аеродромот „Фиумичино“ за нешто повеќе од еден час ќе ги донесе истите ценети патници до една од најпосакуваните туристички дестинации во Европа, но ќе овозможи и лесен трансфер на оние кои сакаат да го продолжат патувањето на други дестинации на Медитеранот, па и понатаму. Исто така, се радуваме што ќе можеме да ги пречекаме и Италијаните и останатите кои ќе патуваат да ја видат нашата убава Македонија – изјави Зоран Крстевски, генерален директор на „ТАВ Македонија“.

Билетите за новата авиолинија веќе можат да се купат преку интернет-страницата на компанијата (www.alitalia.com), од туристичките агенции или, пак, од канцелариите за продажба на билети на „Алиталија“. Директниот лет Скопје – Рим ќе функционира на дневна основа со леталото „Ембраер Е-175“, а ќе има две класи на услуга: „Отима“,бизнис-класата што „Алиталија“ ја користи на меѓународните линии и „Класика“, односно економската класа на овој авиопревозник.

Марко Кваљирела, регионален менаџер на „Алиталија“ изјави:

– Распоредот е направен да излезе во пресрет не исклучиво на бизнис-сообраќајот меѓу Италија и Република Македонија и на македонските граѓани кои живеат во Италија, туку и за да се овозможи лесен пристап кон нашата интерконтинентална и меѓународна мрежа преку центарот што го имаме во римскиот аеродром „Фиумичино“. „Алиталија“ одлучи да им понуди на клиентите навистина специјална понуда: промотивен период во којшто почетната цена за билет до Рим ќе биде 99 евра. Оваа можност ќе важи ограничено – до 10 мај – што ја прави прилика која не смее да се пропушти. Ниските цени за остатокот од Италија почнуваат од 149 евра, а исто така, се воведени и за европските дестинации, со стартна сума од 199 евра – рече Кваљирела.

Во текот на мај „Алиталија“ ќе почне со 30 повратни месечни летови меѓу Рим и Скопје, додека во јуни ќе биде воведен комплетен дневен режим на полетувања и слетувања. Тоа значи дека од 1 јуни летот на „Алиталија“ ќе заминува од Скопје во 5.30 часот наутро, а во Рим ќе пристигнува во 7.20 часот (во понеделник, вторник, петок и сабота). Ќе има и лет од 17.05 часот попладне од „Александар Велики“ со доаѓање во вечниот град во 18:55 часот (во вторник, среда и сабота). Од Рим, пак, летовите ќе тргнуваат во 21:45 часот, а во Скопје ќе бидат во 23:35 часот (понеделник, четврток, петок и недела). Тие и ќе полетуваат во 14:35 и во македонската метропола ќе слетуваат во 16:25 часот (во вторник, среда и во сабота).

Амбасадорот на Италија во Македонија, Ернесто Масимино Белели, истакна дека враќањето на „Алиталија“ во Скопје е важен дополнителен чекор во подемот на билатералните односи меѓу Италија и Македонија кои се интензивни и во постојан развој.

– Благодарение на претстојното италијанско претседателство со Европската унија ќе се отворат и нови можности за нивно развивање. Поврзувањето на Скопје со Рим на овој начин претставува симболично и комплетирање на воздушниот Коридор 8 кон Италија, еден од големите европски центри на циркулација на лица и стоки. Оваа нова можност бездруго ќе биде топло примена од страна на италијанските оператори кои се заинтересирани за Македонија и како туристичка дестинација, но и од страна на многубројните македонски граѓани кои живеат и работат во Италија – рече Белели.

Со оваа нова директна линија до Рим, „Алиталија“ има за цел да го зголеми протокот на туристички сообраќај кон главниот град на Италија, како и да одговори на потребите на зголемената побарувачка за врски меѓу Македонија и Италија што се должи на зголемената економска соработка и трговската размена меѓу двете земји. Лансирањето на рутата од Скопје до Рим дополнително ја подобрува поврзаноста на „Алиталија“ со Балканот. Вклучувањето на Скопје како нова дестинација во мрежата на компанијата следи по промоцијата на услугите до Подгорица (Црна Гора) и зголемување на операциите до Тирана (Албанија). „Алиталија“ го назначи „ВАС Тур“ од Скопје како генерален агент за територијата на Македонија. Почнувајќи од мај тие ќе нудат комплетна услуга: информации, резервации и билети и поддршка на туристичките агенции во име на „Алиталија“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top