Специјалниот посредник на генералниот секретар на ОН за прашањето за името на Македонија Метју Нимиц изјави дека планира да ги посети Атина и Скопје на почетокот на јули, потенцираат грчките медиуми во своите извештаи од вчерашната средба во Њујорк.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, медиумите во Грција објавуваат само неколку реченици од вчерашната средба на Нимиц со амбасадорите Јолевски и Василакис, при што нагласуваат оти тој рече дека нема напредок, зборувале за технички прашања кои ќе обезбедат процесот да продолжи и оти одлуките на крајот ќе ги донесат засегнатите страни.
Голем акцент во извештаите се става и на изјавата на грчкиот преговарач Василакис кој за државната агенција АНА-МПА изјавил оти „Грција сака да се најде решение, но другата страна досега нема направено апсолутно ништо“.
– Тие се на иста позиција како во 1995 година – рекол Василакис.
Изјавата на Василакис е очигледна провокација со оглед на предизборниот период во Грција, во кој опозициските партии неколку пати го повикаа премиерот Самарас јавно да се изјасни за прашањето за името. Во исто време, лидерот на Сириза, Алексис Ципрас истакна дека прашањето за името не е решено 25 години токму поради неспособноста на Самарас да се справи со големо национално прашање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.