Војо Стојановски е првото машко дете во семејството на Драге и на Олга, по петте девојчиња, кои се родиле во кичевското село Букојчани. По Војо се родиле уште две машки дечиња.
– Јас како прво машко му бев слабост на татко ми – во еден разговор се присетуваше на детските години пејачот Војо Стојановски .
– Стариот мој пееше многу убаво и јас како дете му се восхитував. Ќе ме седнеше во скутот и ќе ми пееше стари народни песни. И чичко ми, исто така, имаше убав глас. Кога ќе запееја заедно, беше милина да ги слушаш – велеше Војо.
Кога тргнал во училиште, сестрите го воделе да пее по приредби. Пеел и по селските слави, а и по патот, додека со другите селски деца оделе пеш до училиштето во Зајас, каде што учеле многу повеќе Македончиња од Албанчиња. Како средношколец во Кичево почнал активно да членува во КУД „Нико Пусоски’’ како играорец, солист, а кога ќе имало потреба свирел и на дувачки инструменти. Со друштвото учествувал на многу манифестации, хуманитарни концерти и фолклорни фестивали. По завршувањето на средното училиште почнал да работи во рудникот „Тајмиште“. Во 1975 година учествувал на една традиционална манифестација „Избираме најдобар работник – пејач“, која се одржувала во Пробиштип. Ја испеал песната „Мори абер дојде Ајше ле мори“. Во комисијата биле познатиот гајдаџија Пеце Атанасовски, Јонче Христовски и Мате Грујоски. Војо го освоил првото место и членовите на комисијата го убедувале да почне професионално да се занимава со музика. Најупорен во тоа убедување бил гајдаџијата Пеце. Како што вели Војо, тоа било пресудно тој да почне посериозно да се занимава со пеење. Набргу потоа почнал да снима за тогашната РТС, првите четири песни што ги снимил биле: „Стојане море Стојане“, „Ако си се Севде научила“, „Лудо се спрема на гурбет да оди“ и „Се собрале комитите“.
Мате Грујоски постојано инсистирал Стојановски да донесе песни од неговиот крај, кои никој друг ги нема испеано, и да ги снима. Па, така Војо ги отпеал и ги снимил следниве песни: „Денеска ми е сабота“, „Погинал Стојан, загинал“, „Коња водам Анѓе“, „Зората се зазори“, „Загрмел Гољак, заплакал“ (песна за прочуениот Арсо војвода).
По десетина години пеење, Војо станал мошне популарен и за него големо интересирање пројавила македонската дијаспора. Во 1985 година Војо првпат заминал на турнеја во Австралија со групата „Струшки бисери“ и со неколку други пејачи. Неговото гостување предизвикало голем публицитет во медиумите.
– Не можев да верувам што ми се случува. Салите беа преполни со публика. Немав концерт на кој не присуствуваа најмалку 4.000 посетители, а за тоа придонесуваше и мојот репертоар со патриотски и со печалбарски песни. Беше невидена еуфорија. Трчаа по мене како по Елвис Присли. За да се спасам од обожавателите секој втор ден морав да го менувам хотелот за престој – со гордост и со носталгија во една пригода се присетувал Војо на старите добри времиња.
Во тие години Војо најмногу соработувал со пејачот Мирко Митревски за кого има кажано дека, исто така, бил важен за развојот на неговата музичка кариера. Тој има снимено повеќе од 300 песни. Некои од нив му се испеани во дует, а за пеењето во дует сметал дека најблизок му е гласот на пејачката Виданка Ѓеоргиевска. И токму затоа најмногу дуети испеал со Виданка.
– Војо го почитувам исклучително и како пејач и како човек. Во годините наназад сме имале беспрекорна соработка. Заедно сме испеале многу песни и кога во иднина би снимала некоја песна во дует, тоа би било само со Војо. Гласовите ни се совпаѓаа, а и во душата и двајцата сме големи патриоти . Од повеќето песни што сме ги отпеале би ги издвоила: „Јоване море Јоване“ и „Секулице млада невесто“ – изјавила Виданка во една пригода.
На Валандовскиот фестивал првпат учествувал во 1986 година, со песна од познатиот кларинетист Драги Митев. Кога некој ќе му понудел песна што треба да ја отпее, посебно му било важно да му се допадне текстот. Низ годините имал одлична соработка со Радмила Митровиќ , која му ја напишала песната „Свадба е голема“, а музиката и аранжманот се на нејзиниот сопруг Никола Митровиќ. Потоа тие се и автори на песните: „Свадба румелиска“ и „Среќна ти мајко слава“.
Исто така, Радмила Митровиќ го напишала текстот за песната „Кај се мајко твоите чеда“, а аранжманот на оваа песна е на Илче Јованов. Кога почнал да пее и новокомпонирани песни имал одлична соработка и со авторите Борче Нечоски, Орце Зафировски и Огнен Неделковски, кој е автор на песната „Моја Калина“. Ристо Краповски, пак, му ја напишал песната „Ти донесов млада невеста“, а од неколкуте песни што му ги напишал Ангеле Нинески, Војо со задоволство ја пеел „Последна пролет ергенска“. Исто така, извонредна песна е и „Суводолица“ на текст од Ванчо Тарабунов, аранжман и музика на Милан Завков. Со Милан Завков во 1992 година учествувале на фестивалот во Канбера – Австралија, каде што со песната „Нема друга Македонија“ го освоиле првото место.
На некои песни што ги пеел, Војо сам си го пишувал текстот. Од нив попознати се: „До каде има сој македонски“, аранжманот и музиката се на Милан Завков. Потоа „Дојде ден да се сплотиме“ и „Една мисла имаме“, која ја напишал на една турнеја во Австралија.
Во својата 40-годишна кариера Војо Стојановски има реализирано 35 турнеи во Австралија, 20 во Америка и во Канада и стотина пати бил низ европските земји. Во осумдесеттите години од минатиот век снимил една плоча за „Југотон“ од Загреб и четири касети за „Југодиск“ од Белград. Во Белград, меѓу другите песни што ги снимил, биле и „Јас сум чисто Македонче“ и песната за убиството на кралот Александар Караѓорѓевиќ во Марсеј. Србите му ја снимиле песната, а во тогашната РТС била забранета да се пушта на програма.
Војо живееше од музиката и за музиката. Во 1998 година влезе и во политиката како пратеник во Собранието. Но, велеше дека не се пронашол во политиката и дека тоа го направил на инсистирање на други луѓе.
– Јас музиката ја носам во душата – велеше Војо.
Создаваше музика и многу му беше драго што тоа во последните години го правеше заедно со своите внуци од сестра, Влатко и Златко. Влатко пее, а Златко е еден од најдобрите хармоникаши, а, исто така, пишува текстови и аранжира. Но, сепак, Војо вистинскиот наследник го гледаше во својот син Дамјан, кој учи соло-пеење во музичкото училиште. Дамјан знае да свири на повеќе инструменти и премногу ја сака македонската народна песна.
Војо со своето семејство со големо задоволство многу често навраќаше во своето родно Букојчани, на своите корени, во својата родна куќа. Но, од срце жалеше што кога ќе стигне таму ја нема топлата мајчинска прегратка и прекрасниот глас на татко му. Неговото родно село му беше посебна инспирација и сега ги пишуваше најубавите стихови за своите песни, кои ѝ ги подари на својата верна публика.
Пишува: Тони Стојковски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст