| четврток, 6 декември 2018 |

Почнува обуката за бизнис и претприемништво „Лидер 2014“

обука
Сојузот на стопанските комори (ССК) во соработка со „Македонија 2025“ и Бизнис школото „Ричард Ајви“ од Торонто, Канада, организира ексклузивна обука по бизнис и претприемништво во рамки на проектот „Лидер“. Целта е македонските претприемачи и менаџери да ги усовршат своите бизнис и претприемнички вештини по теркот на познатите методи на „Ричард Ајви“.
За време на обуката, која почнува денеска и ќе трае до 16 мај, учесниците, преку реални примери и вежби, ќе се запознаат со корисни алатки, шеми и процеси на стратегиско размислување. Како што велат организаторите, значително ќе ги усовршат своите познавања во делот на стратегиско планирање и одлучување, подготовка на конкретни бизнис и маркетинг планови, анализи, финансиски текови. Oбуката за бизнис и за претприемништво „Лидер 2014“ денеска ќе ја отворат извршниот директор на ССК, Митко Алексов, Зоран Мартиновски, менаџер за Македонија и Црна гора на Светска банка – ИФЦ, член на Управен одбор и претседател на комитетот за образование во рамки на „Македонија 2025“, како и претставник од Бизнис школата „Ричард Ајви“. Обука ќе се одржува секој работен ден од 10 до 14 часот во Едукативниот центар „М6“ во Скопје. По овој термин ќе следуваат индивидуални консултации и посети на компаниите во согласност со интересот на учесниците.
Обуката по бизнис и претприемништво е единствена од таков тип во Македонија бидејќи претставува комбинација од интерактивни сесии и дополнителни индивидуални посети од страна на обучувачите на секоја од компаниите што учествуваат на обуката, со што компаниите си обезбедуваат стратегиски советник за целото времетраење на обуките за тоа како да ја зголемат нивната продуктивност и ефикасност или во дел од компанијата за кој имаат потреба за подобрување на деловното работење.
Нивната мисија е да развијат деловни лидери кои мислат стратегиски и на глобално ниво за да направат значителен придонес во бизнис средината во која дејствуваат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top