З
Законот за финансиска дисциплина кој денеска стапува во сила, според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески значително ќе ја подобри ликвидноста на македонското стопанство.
– Станува збор за едно барање на стопанството на домашните фирми во Република Македонија кое предвидува воведување рокови за плаќање на обврските меѓу субјектите од приватниот сектор, но и кога приватните субјекти работат со државата, изјави денеска Ставрески одговарајќи на новинарски прашања по средбата во Минситерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со здрушѓенија на земјоделци.
Според него, со воведувањето стриктни рокови, како и со обврската да се плаќа во предвидените рокови, потоа предвиденото плаќање на прекршочна казна и камата ако се отстапи од тие рокови, ќе се прекине практиката на неплаќање на обврските што, како што вели, на некој начин го правеа некои фирми кои имаа и добра ликвидност.
– На некој начин се создаде култура на неплаќање на обврските, што не е добро за една пазарна економија и за функционално домашно стопанство при што голем број фирми се желеа од таа ситуација и бараа да се изнајдат инструменти со кои ќе се прекине. Токму со Законот за финансиска дисциплина излегуваме во пресрет на тие барања, истакна Ставрески.
Тој додаде дека тоа е практика и во други земји што се членки на ЕУ и изрази уверување дека сите субјекти кои работат во сферата на легалната економија и оние кои имаат добра намера да работат и склучуваат трансакции и да ги плаќаат обврските ќе бидат со овој Закон заштитени и ќе наиде на нивна поддршка.
Според законското решение, отсега приватните субјекти ќе треба да се обрзат со потпишување договор дека ќе ги вршат плаќањата во рок од 60 дена, освен доколку двете страни не се договорат поинаку. Максималниот рок за намирување на обврските е до 120 дена.
Законот ги опфаќа не само приватните фирми туку и плаќањата меѓу приватните фирми и државните институции, каде исто така, роковите се 60, односно 120 дена.
Доколку не се почитуваат одредбите од Законот, предвидени се казни од 5.000 до 10.000 евра за правните лица, за трговците поединци 1500 до 3.000 евра. За одговорните лица е предвидена глоба од 750 до 1500 евра.
Законските одредби за јавните здравствени установи, јавните претпријатија, трговските друштва формирани од државата, општините, Фондот за здравствено осигурување, јавните здравствени установи, ќе се применуваат од 1 јануари 2016 година.
Законот е донесен на крајот на минатата година на барање на бизнис заедницата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.