Позната по тоа што, без разлика колку нејзиното мислење не се совпаѓа со општоприфатеното, таа секогаш самоуверено го споделувала. Водителката Хелена Роза во интервју за „Убавина и здравје“ зборува за нејзините отворени погледи кон бисексуалноста, хомосексуалноста, сексот и табуата.
Од неодамна сопственик на ресторанот „Париз бистро“, Хелена зборува и за проблемите на работната жена во Македонија.
– Секаде на Балканот, успешноста на жената често се поврзува со тоа дека таа е кучка. Уште повулгарно ќе се изразам дека таква жена е ороспија, а таа е сѐ, само не успешна. Имавме ситуации на млади и успешни девојки кои влегоа во политичка кампањи и кои беа масакрирани на социјалните мрежи, само затоа што од Господ беа дарувани со убавина. Сите зборуваа само за тоа дека тие стасале таму преку кревет, дека се глупави, тупави, дека имаат врски со мажени. А, девојките ги знам и тврдам дека се многу елоквентни, образовани, способни за функцијата која им е доделена. Ако не си убав, никој нема ни да спомене дека си на позиција затоа што си му дал на некого во партијата, а верувај, тоа боли – вели Хелена.
Таа тврди дека „фините дами“ од естрадата се кријат под лажната скромност и глумат незаинтересираност за сексуални дебати.
– За жал, нашата естрада е таа што е. Горе-долу не е многу изменета за последниве 15-20 години. Многу добро сите се знаеме кои сме и што сме, мала средина сме ние. Колку партнери сме смениле, дали сме биле со женети мажи во врска, дали сме биле нечии љубавници, дали имаме геј или лезбијско искуство чисто од љубопитство, дали се сексаме за пари, која од нас е од високата проституција, кој маж оди со жена за пари. Сето тоа е многу добро познато и сето тоа не го осудувам, ама кога ќе слушнам изјави од типот на зборот „секс“, да паѓаат во несвест, да ми се преправаат и превртуваат со очите, тогаш ми е многу небулозно, несфатливо. Една современа жена, современ маж да реагираат така во 21 век. Изјавите од типот „не сакам да зборам за својата интима и сексот“, ми е небулозно. Тоа е едно основно воспитание и секој човек треба да го има, срамота е да го нема. Ако нешто не ти се допаѓа и мислиш дека е многу пикантно за тебе, треба да го одговориш на вистински начин. Впрочем, во тоа е успешноста на соговорникот – вели Хелена.
Таа вели дека токму поради ова размислување имала голем проблем кога отворено застанала зад тоа дека бисексуалноста и хомосексуалноста се нормални варијации.
– Јас сум личност на која малку луѓе се осудуваат во лице да ѝ кажат што мислат за нешто што е табу-тема. Секогаш стојам зад тоа што сум го кажала. Затоа и имав проблем со спонзорите во моите ТВ-емисии затоа што луѓето кои пред тоа биле расположени за соработка, се оградиле со образложение дека не сакаат да соработуваат со некој кој ја поддржува оваа група луѓе. Дури ми се гадеше кога ќе ги слушнев коментарите, подбуцнувањата од типот „Ајде ма, ти, лезбијко една “. Сепак, смешно ми е тоа, на тоа јас и не реагирав – вели Хелена.
Целото интервју прочитајте го тука.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


