Деветнаесет годишен роднина е убиецот на 17-годишниот Ељон Јакупи, кој вчера беше убиен во скопско Арачиново.
Осомничениот за убиството полицијата го привела денеска, а по целосно документирање на случајот тој ќе биде предаден до надлежното јавно обвинителство.
Помошник-министерот за односи со јавност во МВР, Иво Котевски, информираше дека покрај убиецот пронајден е и пиштол, за кој постојат сомневања дека е оружјето со кое е извршено убиството.
– Според првичните информации од полицијата, двете лица најпрво имале телефонска расправија, по што продолжиле вербално да се расправаат пред куќата на осомничениот за убиството, а потоа физички почнале да се пресметуваат, а во еден момент осомничениот извадил пиштол и со два куршуми го застрелал роднината, истакна Котевски.
Повреденото момче починало на пат кон болница, а констатирано е дека има две прострелни рани во пределот на градниот кош.
За целосно расчистување на случајот МВР извршило разговор со петнаесетина лица, кои биле очевидци на инцидентот во Арачиново.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.