| четврток, 6 декември 2018 |

Франгов ќе ја сведе невработеноста во Гевгелија на минимум

Вчера се одржа промоција на Програмата на кандидатот за градоначалник на општина Гевгелија, Иван Франгов, на која тој истакна дека ќе работи Гевгелија да ја намали својата невработеност од 19 проценти

ivan-frangov

Франгов на почетокот истакна дека од предложените проекти во изборната програма, над 80% се остварени или се при крај, а уште триесетина проекти кои не беа запишани во програмата, станаа стварност, и поради тоа ја прифатил кандидатурата за градоначалник на општината со најмала невработеност.

Тој пред граѓаните на Гевгелија ја претстави својата обемна програма.

-Има уште многу значајни проекти кои во иднина треба да се реализираат со цел да се подобрат условите за живеење. Дел од проектите се веќе започнати и треба да се довршат. Во тек е изградбата на Технолошко развојната индустриска зона кај Прдејци, започнавме со изградбата на нов Градски пазар и нова Автобуска станица, дел од спортско-рекреативниот центар кај Касарната веќе е уреден, обезбедени се средства и комплетна документација за нова канализација во Прдејци и Мрзенци, од ИПА-Програмата за прекугранична соработка одобрени се средства за изградба на одводен канал во Негорци, претстои распишување на тендер за доградба на 14 училници во Средноучилишниот центар „Јосиф Јосифовски“, изработен е идеен проект за нов градски плоштад, а веќе е иновиран  проектот за Конска брана, потенцираше Грангов.

 

Дел од приоритетните проекти на Франгов се развој и промоцијата на индустриската зона Билото, како и довршување на проектот Градски пазар, со поддршка на Владата на Република Македонија се планира и изградба на нов објект за Факултет за бизнис, логистика и туризам.

Тој напомена дека и во идниот период приритет ќе биде преку обезбедувањето на нови инвестиции во Технолошко индустриската развојна (ТИРЗ) зона во локалитетот Прдејци и преку поддршката на формирање на нови мали и средни претпријатија да се задржи и да се намали ставката на невработеност од 19 проценти.

Изградба и реконструкција на училишни објекти, спортски сали, обезбедување финансиска помош за младите таленти преку стипендии и награди, отворање бесплатни интернет-клубови во населените места и организирање на курсеви за информатика и изучување странски јазици, потоа изградба на прочистителчна станица, подобрување на водоснабдувањето, се само дел од богатата програма на кандидатот за градоначалник Иван Франгов.

gevgelija

-Со одобрените 430.000 евра од ИПА-Програмата за прекугранична соработка со Република Грција, наскоро претстои реновирање и опремување на Општа болница во Гевгелија, како и реконструкција на Здравствен дом во Гевгелија, истакна Франгов.

На промоцијата присуствуваше и премиерот Никола Груевски кој нагласи дека е тука да му даде поддршка на кандидатот за градоначалник Франгов, дека секогаш имало одлична соработка меѓу нив, и се што било ветено во најголем дел било исполнето.

-Со понудените нови конкретни  проекти и рокови за нивно реализирање, сплотени под слоганот НОВИ ДЕЛА ЗА НОВ НАПРЕДОК, НОВИ ДЕЛА ЗА ПОДОБРА ГЕВГЕЛИЈА, во наредните четири години, од Гевгелија ќе  направиме не само порта, туку и  вистински дел од Европа, додаде за крај кандидатот за градоначалник Иван Франгов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top