| четврток, 6 декември 2018 |

Симон Трпчески ја преполни Конгресната библиотека на САД

simon-2-

Во преполната сала на Конгресната библиотека на САД, на целовечерниот двочасовен концерт, македонскиот пијанист Симон Трпчески и германскиот виолончелист Даниел Милер – Шот синоќа изведоа три сонати: во ц-дур на Бетовен, во ф-дур на Брамс и во г-мол на Шопен.

 -Ова ми е веројатно 45 или 46 посета на оваа земја и сум прифатен на прекрасен начин.  Убаво е чувството кога луѓето ќе те прифатат онака како што си сакал, затоа што ние, уметниците, навистина многу вложуваме во она што го работиме – изјави пијанистот Трпчески пред настапот.

Релаксирано е да се настапи во САД, вели тој.  Олеснува беспрекорната и детална подготовка на концертите, аргументира македонскиот пијанист, кој настапува по американските концертни сали веќе 12 години по ред.

Брошурата на Конгресната библиотека за концертот го  цитира Индипендент за сјајниот звук и леснотијата во изведбата на Трпчевски и ја истакнува титулата на национален уметник на Македонија.

– Честа е голема, задоволството е големо. Внесувам многу љубов во она што правам и името на државата секогаш оди заедно со моето име. Мислам дека, од друга страна, не чувствувам определен притисок, туку напротив, моето задоволство во вршењето на мојата професија е поврзано со мојата љубов кон мојата земја – вели Трпчески.

Тој раскажува дека е прифатен на прекрасен начин во САД од публиката која, како што рече, колку бара, толку и му возвраќа на уметникот.

Во оваа мини-концертна турнеја, дуото Трпчески – Милер Шот веќе настапи во Ванкувер, а од Вашингтон заминува за Квебек и Монтреал.  Оттаму, Трпчески сам ќе замине за настап во Хелсинки, по што го очекуваат четири концерти во Ливерпул, јави МИА.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top