Атланта хоукс на домашен терен ја совлада фаворизираната Индијана пејсерс со 98-95 и поведе со 2-1, а со тоа покажаа дека брејкот во Индијанаполис не беше случајност.
Перо Антиќ постигна само еден поен, а имаше и ефект од три скока. Македонскиот репрезентативец имаше очајно лоша шутерска вечер откако ги утна сите четири обиди за три поени, а дури петпати беше непрецизен за два.
Атланта до победата ја водеше Џеф Тиг, кој натпреварот го заврши со 22 поени и 10 асистенции, а него го пратеше расположениот Кајл Корвер со постигнати 20 поени, додека Пол Милсап имаше ефект од 14 поени и исто толку скока.
Лос Анџелес Клиперс со победа во Окланд над Голден стејт вориорс со резултат 98-96 сега водат во серијата со 2-1. Клиперс до победата дојде благодарение на расположениот тандем Блејк Грифин – ДеАндре Џордан, кој доминира во рекетот. Грифин го заврши натпреварот со 32 поена, додека Џордан постигна 14 поени, 22 скока и 5 блокади.
Кај Вориорс, Клеј Томсон со 26 поени беше најефикасен, додека Стефон Кари уфрли 16 поени.
Мемфис поведе со 2-1 против Оклахома откако Гризлис по продолжението на домашен терен славеше со резултат 98-95.
Домаќините успеаја да прокоцкаат предност од плус 17 на седум минути пред крајот и им дозволија на Тандер да направат серија од 17-0 и да изборат продолжение, во кое на крајот Гризлис заслужено славеше. Со 20 поени Мајк Конли беше најефикасен играч на Мемфис.
За Оклахома по 30 поени постигнаа Расел Вестбрук и Кевин Дурант.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


