Обложувалниците во Македонија се плашат од Перо Антиќ, а интересно е што ниту една од нив, ниту еднаш сезонава не понуди коефициенти за индивидуален ефект во поени или скокови за македонскиот репрезентативец.
Перо ја игра првата сезона во НБА-лигата, што е предизвик за многу пасионирани играчи во обложувалниците да си ја пробаат среќата и да погодуваат колку поени или скокови ќе има „шестката“ на Атланта хоукс на одреден меч.
За сите останати членови на стартната петорка на Хоукс сезонава имаше понуда во дел од обложувалниците во Македонија, но за чудо не и за Антиќ. Од што и зошто е таквиот став, евентуално и страв, не е познато.
Антиќ игра одлично во дебитантската сезона за популарните „јастреби“, беше избран да игра и на олстар-викендот, но не настапи поради повреда на таканаречениот Рајзинг старс челенџ. Експресно брзо доби шанса да биде стартер во Атланта и максимално добро си ја искористи можноста со квалитетни игри.
Нов подвиг е настап во плејофот каде Хоукс одлично се држат против фаворитот и прв носител во Источната конференција Индијана Пејсерс. Резултатот моментно е 1-1 во серијата до 4 победи од максимум 7 натпревари.
За жал како и претходно и ноќеска кога ќе се игра третиот дуел во Атланта, страствените играчи во обложувалниците нема да имаат можност да вложат некој денар на индивидуален учинок на Антиќ.
Повторно во понудата на обложувалниците што делуваат на територија на Македонија ќе го нема Антиќ, а ги има Кајл Корвер, Џеф Тиг, Пол Милсеп и Демар Керол, останатите 4 членови на стартната петорка на Хоукс.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


