На 9 дена пред САД и еден ден пред закажаната премиера во Македонија, вистинските обожаватели на Спајдермен ќе имаат можност да ја погледнат новата авантура на човекот-пајак.
Најважната битка на човекот-пајак е во него: битка меѓу секојдневните обврски на Питер Паркер и на необичните задолженија на човекот-пајак. Но, во „Неверојатниот Спајдермен 2“, Питер Паркер сознава дека постои поголем конфликт, кој треба да го реши.
– Сакавме овој филм да биде поразигран, многу позабавен – вели режисерот Марк Веб. Отсликувањето на остроумоста на Питер Паркер – особено како човек-пајак – беше можеби најзначајната работа која Веб сакаше да ја направи.
– Ги гледаш стриповите и тука се неговите досетки, неговата смисла за хумор, неговите квалитети. Тоа е нешто што многумина го сакаат кај човекот-пајак и, секако, нешто што јас го сакам кај него.
Публиката ќе има можност да го гледа филмот „Одмазда на женски начин“ на големото платно од 24 април. Студиото „Твенти сенчери фокс“собра одлична женска постава, која со сигурност ќе ве насмее! Три карактерно различни жени имаат само една заедничка работа во животот – истовремено ги изиграл ист маж. Повеќе не е важно која ќе биде со него, туку како да му се одмаздат! Одмаздата на „женски начин“ ги доведува во низа комични ситуации. Откако дознала дека момчето ѝ е оженето, главниот женски лик (Камерон Дијаз) се обидува да го среди својот разнишан живот и да се врати на „вистинскиот пат“. Меѓутоа, кога случајно ќе ја запознае неговата жена (Лесли Ман) согледува дека двете имаат многу заеднички нешта. Набрзо, смртните непријатели стануваат неразделни и добри пријателки. Откако ќе откријат уште една љубовница (Кејт Аптон), трите жени ги здружуваат силите и смислуваат заедничка одмазда.
Главните улоги во филмот „Одмазда на женски начин“ ги толкуваат Камерон Дијаз, Кејт Аптон и Лесли Ман. Главниот машки лик е згодниот Николај Костер-Валдоу, кој ѝ е познат на пошироката јавност по улогата на Џејми Ланистер во култната серија „Игра на тронови“.
По повод премиерата на филмот, во „Синеплекс“ ќе биде организирана тематска вечер „Лејди најтс“ со многу подароци и изненадувања за посетителите. Премиерата е закажана за вечерва (24 април) со почеток во 20 часот.
За најмладите ни пристига новата авантура на Ѕвонче и нејзините самовили-пријателки. Тие се впуштаат во нова опасна мисија за да го заштитат својот свет.
Од светот на „Петар Пан“ пристигнува „Ѕвонче и самовилата Гусарка“, авантура за Зарина, паметна и амбициозна самовила чувар на самовилскиот прав, која е маѓепсана од синиот самовилски прав и неговата бескрајна можност. Таа бега од долината на самовилите и се здружува со пиратите од Камениот Череп, кои ја избираат за нивни капетан на бродот. Ѕвонче и нејзините пријатели ќе мораат да се впуштат во епска авантура да ја пронајдат Зарина, а по пат ќе се борат со банда од пирати предводена од младиот слуга на Џејмс, кој подоцна ќе познат како Капетан Кука.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.