| четврток, 6 декември 2018 |

Инвестициите во охридско-струшкиот регион ќе значат економско будење за граѓаните

Ekonomska zona Bunardzik (14) (Custom)

Инвестициите што се најавуваат за Охрид и за Струга, во форма на отворање нови фабрики и градење на автопатот Кичево – Охрид, економски ќе го разбудат целиот југозападен регион. Овој дел од земјава, со своите жители, досега некако беше изоставуван од сите инвестициски мапи  и планови за развој и напредок, што предизвика голема невработеност на населението и апатија во поглед на нивен просперитет. Доаѓањето на странските инвеститори во охридско-струшкиот регион ќе донесе многу позитивни промени за овој дел од државава бидејќи ќе се отворат нови работни места, ќе се создадат нови економски перспективи.

– Југозападниот регион (Вевчани, Дебар, Дебрца, Охрид, Кичево, Македонски Брод, Пласница, Струга и Центар Жупа), според податоците на Државниот завод за статистика за 2011 година, има домашен бруто-производ по жител од 162.253 денари и се наоѓа на 6. место во однос на другите  региони.

Стапката на вработеност во 2012 година изнесува 32,4 отсто и според овој показател овој регион е на 5. место, а стапката на невработеност е 42,3 отсто и според овој показател е на второ место во однос на другите региони. Затоа повеќе од добредојдени се вложувања во овој регион и отворањето нови работни места за да се намали стапката на невработеност. Според показателот за инвестиции во основни средства за периодот 2009-2011, овој регион постојано е на претпоследно место. Според показателот за слободни работни места, во овој регион во четвртиот квартал на 2013 година се пријавени само 306 места, односно коефициент од 0, 78 отсто, што значи се наоѓа на  претпоследно место во однос на другите региони – вели во изјава за „Република“ Билјана Пеева-Ѓуриќ, директорка на Дирекција на здруженија според дејности при Стопанската комора на Македонија.

Според Стопанската комора на Македонија, инвестицијата од автомобилската индустрија ќе значи побарувачка на соодветен профил на кадар, кој ќе може да се оформи преку квалификации и обука.

– Ако се има предвид најавената странска инвестиција од автомобилската индустрија – производство на делови за автомобили за познати производители (мерцедес, БМВ, фолксваген и порше), побарувачката за вработување ќе биде на профили на кадри претежно од инженерска и информатичка струка. Со оглед дека ови профили на кадри се дефицитарни во нашата држава, но по примерот на другите странски инвеститори, како што се Кромберт и Шуберт, Дрекслер Маер и сл., работниците се праќаат на обуки и докфалификации во странство, затоа сметаме дека оваа инвестиција ќе има позитивни импликации, особено имајќи ја предвид високата стапка на невработеност во овој регион – додава Пеева- Ѓуриќ.

Според неа, решавањето на проблемот со невработеноста се поставува како приоритет.

– Секоја инвестиција, посебно во стопанските дејности, ќе биде од големо значење за овој регион. Посебно големо влијание треба да даде реализацијата на планираните ТИРЗ во Кичево и Струга во привлекување странски инвеститори, но, исто така, и општините треба да дефинираат и уредат посебни индустриски зони на своите подрачја и да имплементираат свои стимулативни мерки и активности за привлекување домашни и странски инвеститори – смета Пеева-Ѓуриќ.

 Целиот текст на оваа тема ќе може да го прочитате во утрешниот број на неделникот „Република“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top