Државниот архив на Република Македонија и Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје, како дел од едицијата со монографии „Македонски дејци“, неодамна објавија три монографски изданија: „Тодор Александров“ од Зоран Тодоровски, „Пере Тошев“ од Михајло Миноски и „Апостол Петков“ од Ванчо Ѓорѓиев.
Претставувајќи го како личност која оставила длабоки траги во македонското револуционерно движење, а уште повеќе во колективната меморија на македонскиот народ и на македонските емигранти и бегалци во Бугарија, за револуционерната дејност на Тодор Александров авторот Зоран Тодоровски пишува во неколку поглавја, односно за неколку фази од неговата дејност: за периодот до 1918 година, периодот по Првата светска војна, за активноста на ВМРО во вардарскиот дел на Македонија, за политиката на Александров спрема бугарската влада, за неговата соработка со Советскиот Сојуз и Коминтерната, а на крајот дава и заклучни согледувања. Монографијата е богата и со фотографии, од кои еден дел првпат се публикувани. Користени се и досега необјавени и малку познати архивски документи за Александров.
„Револуционерното дело на Тодор Александров беше загатка за повеќе историографии и историчари – пишува Зоран Тодоровски во предговорот. Неговата контроверзност беше продукт на епитетите и на квалификациите што доаѓаа, пред сѐ, од непријателите на Македонија… Тодор Александров е еден од ретките македонски револуционери кој, без да биде објективно и документарно истражен и валоризиран, беше бесрамно анатемисан и свесно идеолошки распнат и долго време беше држен под ембаргото на повоените балкански комунистички историографии. Неговата улога во македонското револуционерно движење во македонската историографија одамна беше оцрнета. Македонските `ангажирани` историчари, кои го држеа монополот на историската вистина, не дозволуваа да се изврши преоценување на нивните партиски и идеолошки сознанија и оцени за личноста и делото на Александров, и покрај тоа што неговото политичко поведение по Првата светска војна беше на македонски државни и политички позиции. Ним, сѐ уште им се примарни документите од `втора рака`, или поточно на неговите идејни противници, што пишувале или изјавувале за неговата личност и поведение.“
Монографијата за Пере Тошев, со поднаслов „Совеста за револуционерна Македонија“ е првата монографска публикација за него. Авторот Михајло Миноски во предговорот пишува дека „Големиот револуционер – конспиратор, еден од водачите раководители – апостолите на Македонската револуционерна организација, и по едно столетие од неговото загинување остана недоволно проучен и афирмиран онака како што заслужува“. Меѓу основните причини за тоа тој го наведува фактот што Тошев не остави свои спомени и што нема изворна документација, односно ме е зачувана неговата кореспонденција.
„Петар Тошев беше и остана до крајот на својот живот голем македонски национален револуционер, кој ѝ даде свој белег на целата македонска илинденска епоха и го зазеде своето заслужено место меѓу четворицата великани со Гоце Делчев, Дамјан Груев и Ѓорче Петров – пишува Михајло Миноски. Ако Делчев беше апостолот на македонското револуционерно движење (кој го обедини народот, му всади свест и го подготви за самостојна оружена борба за ослободување и создавање своја држава), ако Ѓорче беше креаторот на надворешната политика на Организацијата, ако Дамјан Груев беше предводникот на Илинденската оружена борба, Петар Тошев беше креатор на внатрешната (економска-развојна, просветно-културна, здравствена и социјална) политика и на државното уредување на револуционерна Македонија, како демократска парламентарна држава во создавање.“
Монографијата за Апостол Петков авторот Ванчо Ѓорѓиев ја поднасловува со „Кралот на блатото“ и овој македонски војвода го претставува како бестрашен и горделив, кој иако бил неграмотен, со своите подвизи станал вистинска легенда уште за време на својот живот. Населението во Ениџевардарско го нарекло „Ениџевардарско сонце“, а по своите епитети на автентичен и необично храбар и принципиелен војвода бил познат и во светот. „Тоа е човек за кого животот е борба, а борбата е начин на живот – пишува Ванчо Ѓорѓиев. Апостол Петков е автохтон војвода на македонското револуционерно движење и типичен пример на регионален водач со апсолутен авторитет. Неговото име приврзаниците го изговарале со восхит, а противниците со респект и страв.“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.