Според поранешниот претседател на Чешка, Вацлав Клаус, ситуацијата во Украина не ја усложнила Русија ниту нејзиниот претседател, Владимир Путин, туку особено Западот предводен од Европската унија (ЕУ) и САД.
Како што изјави Клаус во интервју за чешката државна телевизија (ЧТ), Украина е премногу сложена и внатрешно раслоена држава и не е во можност да се изјасни дали сака да се приклони кон Запад или кон Русија.
– Ние од почетокот тврдевме дека со притисок на Украина ќе ја уништите и ќе ја распарчите – упати порака Клаус кон Западот додавајќи дека Украина за својата идна насока треба самата да донесе одлука.
За Клаус, за ескалацијата на ситуацијата во киевскиот Мајдан не е виновна ниту Русија ниту Путин туку западна Европа, САД и неколку чешки политичари и поддржувачи на таа политика.
– Јас навистина сум среќен што не сум веќе претседател. Не би издржал да бидам тивок и да кажувам како е совршено ова што се случува во Украина и како со другите тоа го одобрувам. Би имал големи проблеми, уште поголеми отколку кога не сакав да ја потпишам Лисабонската спогодба – додаде Клаус.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.