| четврток, 6 декември 2018 |

Иселеници од Руанда, Еритреа, Буркина Фасо – кој сѐ поминал низ македонскиот Прифатен центар за странци

Министерството за внатрешни работи реализираше три одвоени случаи на криумчарење мигранти. Тројца македонски и еден грчки државјанин добија кривични пријави за сторено кривично дело криумчарење мигранти.

Во рамки на расчистувањето на овие случаи беа откриени пет сомалијски државјани, шестмина авганистански и четворица сириски државјани коишто се пренесени во Прифатниот центар за странци.

Во првиот случај кривично пријавени се Р.Д. (41) од Шуто Оризари и М.А.(19) од Штип кој за надомест од 40 евра во договор со првопријавениот требало со „фиат крома“ со скопски регистарски таблички да пренесе четворица Сиријци на возраст од 27 до 22 години од месноста викана „Ребровски плантажи“ преку валандовско до Струмица. Од страна на полициски службеници при ПС Валандово М.А. е спречен во обидот и приведен, а набргу потоа приведен е и Р.Д., додека сириските државјани се пренесени во Прифатниот центар за странци во Скопје.

Во вториот случај кривично пријавен е 23 годишниот М.И. од Валандово кој се обидел од село Марвинци до Скопје, односно до Куманово, со „голф 3“ со скопски регистарски таблички да превезе шестмина државјани на Авганистан на вопзраст од девет до 30 години, кои илегално влегле во Р. Македонија од соседна Грција, со намера преку Р.Србија да заминат во западноевропските земји. Пријавениот бил откриен од полициски службеници на БПСА Демир Капија, и од страна на судија за претходна постапка му е изречена мерка притвор во траење од 30 дена, додека илегалните мигранти се пренесени во Прифатниот центар за странци.

И во третиот случај кривично е пријавен грчкиот државјанин Т.Ц. (42) кој со товарно моторно возило „мерцедес спринтер“ во посебно направен бункер се обидел да пренесе петмина Сомалијци на возраст од 24 до 32 години од Грција преку Македонија до Италија.

Инаку, досега во текот на годинава откриени и расчистени се 24 кривични дела криумчарење мигранти за кои се осомничени 40 сторители, како и шест кривични дела организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе и криумчарење мигранти“за што кривично се пријавени 14 сторители. Истовремено во рамки на овие полициски акции индентификувани се 144  илегални мигранти.

Како резултат на зголемениот притисок од илегално миграциско движење од Блискиот и Далечниот Исток преку Турција и Грција, Република Македонија изминатите години бележи континуиран пораст на бројот на откриени илегални мигранти кои најчесто транзитираат на нејзината територија во обидот да влезат во некоја од земјите членки на Европската Унија.

Заради континуирано зголемување на бројот на откриени илегални мигранти на територијата на Република Македонија, МВР – СГРМ се соочува со извесни потешкотии при справување со ваквата појава, особено поради недостаток од соодветни сместувачки капацитети како и потешкотии кои се однесуваат на процедурите за враќање.

Прифатниот центар за странци лоциран во Гази Баба, во надлежност на Министерството за внатрешни работи, е единствен сместувачки капацитет за странци во моментот за потребите на Министерството за внатрешни работи во целост.

jankulovska prifaten centar

Во текот на 2012 во Прифатниот центар биле сместени вкупно 436 странски државјани (355-мажи, 81-жени, а меѓу нив 66 малолетни лица), и тоа најмногу од Авганистан-145; Пакистан-127 лица; Сомалија-38; Мароко-14; Алжир-10 лица и Сирија- пет лица. Во центарот во 2012 година биле сместени и лица од Албанија, Косово, Бугарија, Бангладеш, Еритреа, Египет, Судан, Коморе, Тунис, Гвинеја, Србија и други земји.

Минатата година пак Прифатниот центар биле сместени вкупно 573 странски државјани (511-мажи, 62-жени, меѓу нив 80 малолетници), а и лани најмногу од мигрантите биле од Авганистан-125; Пакистан-72; потоа Сирија-65; Сомалија-43; Бангладеш-33 лица; Сенегал-25, како и државјани на Того, Бенин, Танзанија, Руанда, Грузија, Камерун, Судан, Сиера Леоне, Гамбија, Гвинеја, Мароко и други.

Годинава, односно во текот на првите три месеци од 2014 во Прифатниот центар за странци биле сместени вкупно 203 странски државјани (162-мажи, 41-жена, а меѓу нив 34 малолетни лица). Според националноста најмногу биле од Сирија-81 лице; Авганистан-59; Албанија-14; Еритреа-13; Сомалија-9; Паксистан-седум лица, како и државјани на Конго, Косово, Буркина Фасо, Камерун, Мароко, Палестина, Бангладеш, Бугарија, Турција и др.

Во моментов во Прифатниот центар има 70 странски државјани од кои 28 лица се од Авганистан, 21-Сирија; деветмина од Сомалија, четворица од Алжир , пет лица од Еритреа, и по едно лице од Конго, Албанија и Пакистан.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top