| четврток, 6 декември 2018 |

Спасов: Во фокусот на ВМРО-ДПМНЕ е вработувањето на младите

Во фокусот на ВМРО-ДПМНЕ е вработувањето на младите. Тоа е наш приоритет и за таа цел е посветен значаен дел од програмата на ВМРО-ДПМНЕ на овие избори. Младите се енергијата и силата на едно општество и токму затоа тие се нашиот приоритет, истакна на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

spasov-500

Тој посочи дека за таа цел предвидуваат ослободување од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување за млади лица, при што работодавачите од приватниот сектор кои ќе вработат невработени лица до 29 години возраст со полно работно време извесен период, ќе бидат ослободени од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување, односно ќе бидат ослободени од плаќање на 37% до просечна бруто плата цели 12 месеци со обврска да ги задржат младите уште најмалку 12 месеци, со оваа мерка значително ќе се зголеми бројот на вработувања на младите во Република Македонија. Во програмата е предвиден посебен оперативен план за активни мерки специјално наменет за вработување на млади со кој годишно ќе се вработат над 3000 млади лица. Овој проект има вредност од 150 милиони денари.

-Тука се предвидува и програма за вработување „Прва шанса“ каде државата ќе го субвенционира  вработувањето по моделот 3+6, кој предвидува 3 месеци субвенционирано вработување со полно работно време и 6 месеци обврска на работодавачите да го задржат на работа или на негово место да вработат друго невработено лице. Со оваа Програма ќе се субвенционираат над 1.000 лица во времетраење од 3 месеци во износ од 13.000 денари бруто плата. Преку програмата Практиканство на млади лица, Владата ќе им помогне на маладите што поподготвени да се вклучат на пазарот на труд. За спроведување на оваа програма ќе се исплаќаат по 6.200 денари за лице месечно, со вклучен персонален данок на доход и осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување во период од 3 месеци, а предвидено е да се субвенционираат 2.000 невработени лица – нагласи Спасов.

Дополнително ќе се реализира и програмата за самовработување со кредитирање за млади лица и програмата за поддршка за вработување во микро и мали компании за млади лица. Со првата Програма за самовработување со кредитирање на млади лица на сите млади лица до 29 години кои сакаат да се самовработат ќе им се обезбеди можност за подигање на кредит во износ од 7.000 евра со грејс период од 18 месеци и период на враќање од 66 месеци.

Со Програмата за поддршка за вработување во микро и мали компании на млади лица до 29 годишна возраст. Ќе се обезбеди можност работодавачите кои ќе учествуваат во Програмата да добијат кредит во износ од 4.000 евра за секое нововработено младо лице до 29 години.

– Отворањето на нови работни места и подобрување на стандардот на граѓаните е нашата првенствена задача. Младите се во фокусот на нашето внимание, грижата за нивната иднина и овозможувањето на еднакви можности за напредок. Ова се мал дел од вкупно 2046 проекти содржани во нашата програма што ја прават разликата кои граѓаните ја препознаваат – рече Спасов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top