| четврток, 6 декември 2018 |

Македонците во Њу Џерси го одбележаа Велигден

Многубројната македонска заедница во Њу Џерси го одбележува Велигден, со богослужби во црквите Свети Кирил и Методиј и Свети Никола. На вчерашната вечерна богослужба во големата црква Свети Кирил и Методиј во градот Сидар Гроув, во предградијата на Њујорк, се собраа неколку стотици верници.

nu1

– Одбележувањето на Велигден го почнуваме на Величетврток и Велипеток, со утрински и вечерни богослужби во 10 наутро и 7 часот навечер,  додека богослужбата во сабота почнува во 11 часот. Доаѓаат по неколку стотици луѓе. Во саботата вечерта имаме најмалку по 500-600 луѓе. Тоа е централната свеченост во Њу Џерси – изјави Никола Ристевски, заменик претседател на одборот на црквата Свети Кирил и Методиј во Сидар Гроув.

nu 2

Во кругот на црквата е и свечената сала во која, в недела, се организира собир на кој се очекуваат над 1.000 посетители, Македонци од околината. Во овој дел на Њу Џерси, активна е и црквата Свети Никола, во градот Тотова.

Ристевски вели дека во црквата имаат околу 400 активни семејства, додека 800-ина се на листата на адреси на кои го испраќаат црковниот информатор. Во црквата Свети Кирил и Методиј функционира и неделното училиште на македонски јазик, кое го посетуваат 30-ина деца, како и играорна група.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top