| четврток, 6 декември 2018 |

Истрагата ќе утврди како паднале двајцата работници од мостот кај Долно Лисиче

mvr

Истрагата треба да ги утврди причините зошто двајцата работници на „Македонска железница“ паднаа во реката Вардар од железничкиот мост во село Долно Лисиче.
– Истрагата треба да утврди како двајцата работници паднале од мостот и дали биле испочитувани сите безбедносни стандарди – велат од МВР.
Скопјаните Трајан Божиновски и Драган Стефановски, двајцата вработени во „Македонски железници- Инфраструктура“ и двајцата пред пензија, загинаа завчера претпладнето додека работеле пред специјалниот багер, кој пренесувал трупци за шините.
Според неофицијалните информации, едниот бил надзорник на реконструкцијата на железничкиот мост, а другиот работник.
Не е познато како се случила несреќата, бидејќи Божиновски и Стефановски биле одвоени од другите работници, кои биле на другиот крај од мостот, а не се слушнало ништо, бидејќи стоеле пред багерот, кој бучел.
Се претпоставува дека едниот од нив се лизнал, а другиот се обидел да го задржи по што двајцата паднале во реката.
Припадниците на единицата за специјални задачи на МВР „тигар“ пристигнале на местото и со чамци ја пребарувале реката. По неколкучасовната потрага специјалците ги пронашле и ги извлекле безживотните тела на двајцата работници.
Надлежните од „Македонска железница“ велат дека и двајцата носеле заштитни шлемови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top